„Скопје креатива 2018“ оваа година ќе се одржи од 11-13 мај во Младинскиот културен центар и на локации околу институцијата (надворешна бина кафе-бар Фросина, тревници пред објеКтот…).

Фестивалот има за цел да поттикне развој на креативните индустрии, за што е потребна едукација на граѓаните и на младите за создавање нови производи.  Преку развивањето вештини и интензивирање на соработката меѓу секторите култура и економија ќе биде исполнета крајната цел – креативниот потенцијал да биде ставен во функција на економскиот развој. Во досегашните изданија можевме да видиме различни форми на уметноста: рачно изработен накит, авангардни дизајнерски парчиња на млади дизајнери, рачно украсен и реставриран стар мебел, постери со графички решенија што пренесуваат моќни пораки…

Годинава има рекордни 44 настани распоредени во три дена: изложби, работилници, предавања, работилници за деца, за средношколци, за дизајнери…

„Скопје креатива 2018“ по конкурсот на јавната установа Конгресен центар „Александар Македонски“, врз основа на годишната програма за работа на институцијата за 2018 година, поддржа низа проекти, меѓу кои: Тркалезни форми (фотографска изложба) на Дејан Џолев; Магија на тебе на MATA, моден дизајн; Госпоѓиците од Авињон во 3Д макета  – Архитектонски факултет Скопје, проф. Елизабета Аврамовска со студентите; Куќа на желбите – работилница за деца со посебни потреби, Акција реакција Скопје; Пилот стрип магазин Деветка, Стрип Квадрат; СОС Брутализам – накит,  Весна Кондова и Адела Келеција; Кукачот – работилница за краткометражен игран филм, ментор: Загорка Поп Антоска – Андовска, соработник: Владимир Димовски; Силвер фактори – попап продавница, Ивана Секулоска; Ја сакаш ли Македонија – Кратко еко видео, автори: Никола Стојковски, Фото студио Тихо – Александар Кундиќ, ученици од ОУ Страшо Пинџур, Скопје… и други.

Програмата за развој на креативните индустрии „7. Скопје креатива 2018” треба да обезбеди промоција на вредности, производи и услуги од областа на креативните индустрии, како што се: дизајн, визуелни уметности, културни локации, нови медии, креативно-едукативни услуги, изведбени уметности, аудио-визуелени уметности, традиционални културни изразувања…

Наскоро ќе биде објавена комплетната програма, локацијата и овој пат е МКЦ, а мотото годинава е „7 Times 2 Creativity / 7 пати до креативност“. Во најава се екслузивни странски гости од различни креативни области!