Околу 40 проценти од собите во сместувачките капацитети во Италија се резервирани за странски и домашни туристи преку Интернет за август, кога традиционално е врв на италијанската туристичка сезона, според податоци на националната агенција за туризам ЕНИТ.

Градовите на културата и уметноста, како Венеција и Рим, кои во голема мерка зависат од меѓународниот туризам, се најтешко погодени од кризата во туризмот предизвикана од пандемијата, покажуваат податоците на ЕНИТ.

Во Венеција, дури 68% од собите се достапни во текот на август.

Според податоците на ЕНИТ, на годишен одмор летово ќе одат 54 проценти од семејствата во Италија, 38 проценти од паровите, како и 23,7 проценти од пензионерите, кои не се откажуваат од летување оваа сезона.

Се додава дека поголемиот дел од патниците, 56% од нив, ќе бидат мажи, на возраст меѓу 36 и 55 години (40 проценти).

За да се опорави туризмот, Италија воведе шема за „бонус“ што може да се искористи за плаќање за сместување во земјата од 1 јули, која обезбедува 500 евра за семејства со ниски приходи со три или повеќе членови, 300 евра за парови и 150 евра за самци.

Италија ги отвори своите граници кон ЕУ и Шенген-земјите на 3 јуни, по околу три месеци блокада поради корона вирусот.

Туризмот е еден од главните сектори на италијанската економија и сочинува со околу 13 проценти од бруто домашниот производ (БДП). А.Н.