Во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе настапи турската пијанистка Ѓулсин Онај. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Ѓулсин Онај свири пијано од тригодишна возраст, а првиот рецитал на Турското радио  го има уште на шестгодишна возраст. Со специјална државна стипендија учи со Ахмед Аднан Сајгун и Михат Фенмен, а потоа во Париз  нејзини педагози се Пјер Санкан, Моник Хас и Надја Буланже. Дипломира на Парискиот конзерваториум на 16 години со оцена Premier Prix du Piano”, а освојува награди на бројни меѓународни натпревари.

Нејзината богата кариера се протега на сите континенти во преку 80 држави од Венецуела до Јапонија. Концертира во најпознатите светски концертни сали како: „Концертгебау“ во Амстердам, салата на Берлинската филхармонија, Концертхаус во Виена, салата „Гаво“ во Париз, Квин Елизабет хол и Вигмор хол во Лондон и др. Настапите со оркестар ги вклучуваат: Дрезден Штатскапеле, Оркестарот „Филхармонија“, Англискиот камерен оркестар и Кралската филхармонија во Лондон, Јапонската филхармонија, Симофнискиот оркестар на Минхенското радио, Филхармонијата на Санкт Петербург, Симфонискиот оркестар на Токио,  Варшавската филхармонија и Виенскиот симфониски оркестар.

Ѓулсин Онај е Државен уметник во нејзината родна Турција каде повеќе години била официјален солист на Претседателскиот симфониски оркестар во Анкара. Нејзините повеќе од 20 снимени изданија говорат за широчината на нејзиниот репертоар, како и за нејзината интерпретативна моќ која се протега од делата за соло пијано и концертите на Хајдн и Моцарт, па до дела од современи композитори. Онај е резидентен уметник на Универзитетот „Билкент“ во Анкара и е носител на почесен докторат од Универзитетите „Босфор“ во Истанбул и „Хачетепе“ во Анкара. Во 2014 година и е доделен Почесен медал од Истанбулскиот фестивал, а во 2018 година почесен медал и од Фестивалот во Бодрум.