Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вечерва најави воведување на најригорозни мерки од почетокот на епидемијата поради скокот на бројот на инфекции со корона вирусот, кои предвидуваат полициски час секоја ноќ и преку цел викенд.
По седницата на Владата, Ердоган рече дека полицискиот час од утре ќе трае од 21.00 до 5.00 часот секој работен ден, и дека за време на викендите забраната за движење ќе биде во сила од петок од 21.00 до понеделник во 5.00 часот.
За време на одредени периоди за време на полицискиот час, ќе можат да работат продавници за потребните стоки и услугите за доставување храна.
Луѓе постари од 65 години и помлади од 20 години, на кои им е дозволено да поминуваат само три часа на ден надвор од куќата, нема да смеат да користат јавен превоз, а најмногу на 30 лица им е дозволено да присуствуваат на свадби и погреби.
По силниот притисок од здравствените работници и јавноста, Турција минатата недела повторно започна со пријавување на вкупниот број на позитивни тестови на корона вирусот, откако четири месеци ги објавуваше само бројките на заразени лица со симптоми.
Со промена на методологијата, бројот на новоинфицирани лица се зголеми на околу 30 000 за еден ден, што ја направи Турција една од земјите најпогодени од пандемијата. Властите денес пријавија 31.219 нови инфекции и 188 смртни случаи. Откако беа забележани рекордни смртни случаи осум последователни дена, бројот на жртвите од ефектите на вирусот корона во Турција се искачи на 13.746.
Турција бележи значително поголем број на инфекции оваа есен отколку минатата пролет, кога полицискиот час беше во сила само за време на викендите и празниците. Во претходните две недели, полицискиот час беше во сила само за време на викендите во текот на ноќта, но таа мерка не даде резултат затоа што многумина не ја почитуваа. Медиумите покажаа преполни јавни простори.
Според официјалните податоци, исполнети се 71% од капацитетот на одделенијата за интензивна нега. А.Р.