Владата на денешната седница донесе одлука за нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, со кои се скратува работното време на угостителските објекти до 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна, а се забранува и групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21 часот.

Одлуката за скратено работно време до 21 часот важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид и хотелските ресторани за гостите кои се сместени во хотелите.

Владата денеска усвои препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на Северна Македонија, после 21 часот да не се движат на јавен простор, доколку немаат важни и неопходни потреби.

Донесена е и препорака за граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица, кои не живеат во иста заедница. А.Н.