Австралија опен Фото EPA-EFE-SCOTT BARBOUR

И покрај строгите мерки на претпазливост и карантин, Австралија опен го претрпе првиот голем удар, кога е во прашање пандемијата на коронавирус.

Меѓу 500 и 600 учесници на Австралија опен сместени во хотелот „Гранд Хајат“ во Мелбурн, вклучително судии, играчи и придружен персонал, ќе мора повторно да поминат низ двонеделен карантин, откако еден од работниците во хотелот каде што беа сместени имал позитивен резултат на вирусот.

Како што рече премиерот на Викторија, Даниел Ендрус, а објави „Би-Би-Си“, ова ќе влијае на турнирите што се одржуваат како подготовка за Австралија опен, но не и на самиот Грен слем турнир.

„Во моментов нема индиции дека сето ова може да влијае на главната конкуренција. Се работи за еден човек, затоа нема потреба за паника. Докажавме дека сме повеќе од способни да се справиме со вакви проблеми“, рече Ендрјуз.

Секое лице кое ќе има негативен тест, ќе добие „зелено светло“ за да се врати на своите должности.

За потсетување, сите вклучени во организацијата и настапите на Австралија опен беа принудени да поминат најмалку две недели во карантин во Аделаида и Мелбурн, со цел да се минимизира можноста за ширење на инфекцијата. А.Р.