Вулкан на Хаваи, кој со денови исфрла лава и пареа, можеби се подготвува за голема ерупција, предупредија научниците, поради што денес е затворен локалниот национален парк. Вулканот Килауа почна да фрла лава и гасови пред осум дена на Големиот Остров, а сега се појави нова закана. Научниците велат дека нивото на лава во кратерот опаѓа, што може да значи дека се појавиле затнувања и дека материјалот се трупа пред голема експлозија, објави АФП.
Експертите велат дека лавата, која досега се излеала може да стапи во контакт со вода и да се стрдне во процесот на ладење и да направи “брана” заедно со карпите кои може да паднат од околните ѕидови на вулканот во кратерот. Во таков случај би дошло до раст на притисокот од водената пареа, која на крај може да се пробие и да предизвика експлозија.
Научниците проценуваат дека лавата може да се меша со подземните води до средината на месецот. Килауеа е еден од најактивните вулкани во светот и еден од пет на Хаваи.
Врвот на вулканот Килауеа може да експлодира во следниот период и да “катапултира” пепел и парчиња карпи километри во висина, предупредуваат експертите. Експертите велат дека не постои смртна опасност за жителите кои го избегнуваат затворениот дел на националниот парк околу вулканот.
Научник во Опсерваторијата за вулкани на Хаваи, Тина Нил, рече дека во појас од три километри од вукланот може да паднат делови од карпи со големина на грашок и нетоксична пепел.
Ерупцијата на вулканот Килауа уништи 36 куќи и други објекти од 3-ти мај. Нема податоци дали во ерупцијата има мртви. Првата ерупција се случи неколку дена по колапсот на кратерот на источниот дел на вулканот и по 250 земјотреси во 24 часа.