Во недела, на 17 февруари, со почеток во 18 часот во хуманитарниот дом „Даре Џамбаз“ ќе се одржи хуманитарен концерт „Узун за Момо“. Концертот е организиран од музичкото студио и естрадно училиште „Узун“, во соработка со Црвен крст на град Скопје, а влезот е бесплатен.
-Оваа година концертот го посветуваме на нашиот колега музичар Момо Николовски кому му се потребни финансиски средства од 20.000 до 25.000 евра за лекување во странство. Влезот е бесплатен, но во салата ќе биде изложена кутија за донација, најави Жаклина Узунова од училиштето „Узун“.
На концертот ќе учествуваат учениците и долгогодишни пријатели на училиштето, покрај Жаклина Узунова и „Уни бенд“, Кирил Узунов, Јасмина Гуњова, Горан Симевски, Кристијан Демјански, Валентина Ѓоргиевска Парго, придружувани од маестро Бранко Коловски, уметникот Живко Поповски- Цветин, а водителка, по традиција, е Катерина Стојановска-Десковска.
-Ова е покана до сите колеги од македонската естрада доколку се во можност да учествуваат на концертот, а доколку некој сака да донира средства а не може да присуствува на концертот ова се телефоните за донации 143 462(ВИП) и 143 123(Т-Мобиле), најавува Узунова.
Музичкото студио и естрадно училиште „Узун“ секоја година организира хуманитарни концерти. Оваа традиција ја воспостави легендарниот македонски музичар Јанко Узунов кој е воедно и основач на училиштето, креатор на учебниот материјал кој во него се изучува, наставник, организатор и предводник на поранешните активности на ова училиште.