По повод 8 Март, Денот на Жената, утре во претпладневните часови, познатиот македонски миротворен уметник Живко Поповски – Цветин на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство ќе им подари свои цветни цртежи на мајките и бебињата новороденчиња. А потоа и на познатата пејачка и уметница со вечно млад дух Добрила Ивановска Чабриќ.
Во исто време и во Битола ќе се одржува програма со неговата “Мироносна цветна штафета” , која од 4 март веќе е на свој пат, по тргнувањето од село Отпичари.
Имено, утре, во битолското ОУ “Елпида Карамади” во рамките на пригодната програма со поезија, рецитации и музика, со почеток од 9.45 часот, ќе бидат подарени 80- тина цртежи на децата, на наставничките и на женскиот дел од колегиумот, а две големи слики со негов потпис ќе бидат доделени на училиштето.
Кон настанот се приклучуваат и децата од градинката “Мајски цвет”, кој ќе заврши со испраќање порака со балони за здравје, мир, благосостојба, солидарност, храна и љубов меѓу луѓето.
Проактивниот уметник, свој дел утре ќе има и во основното училиште “Крсте Петков Мисирков” во битолското село Бистрица, таму ќе се одвива приредба на која ќе бидат подарени 50-тина негови цртежи на дечињата и наставничките, за повесело и поцветно да го празнуваат празникот.
Цветната штафета веќе од 9 март продолжува во училишта во скопската населба Бутел, и понатаму и низ Републиката.В.Ѓ.