Проектот на уметникот Кристо да го обвитка историскиот споменик Триумфална порта во Париз, закажан за септември, е одложен за следната година заради неизвесноста околу коронавирусот, соопшти Францускиот центар за национални споменици.

Одлуката ја донесле заеднички уметникот со бугарско потекло што живее во Њујорк, Францускиот центар и Центарот Помпиду. Завиткувањето на познатиот париски споменик ќе биде од 18 септември до 3 октомври 2021 година.

„Со оглед на пандемијата на корона вирусот, Кристо,Центарот за национални споменици и центарот Помпиду се согласија да ја одложат уметничката инсталација за завиткување на Триумфалната порта за една година“, се вели во соопштението.

Изложбата во Помпиду центарот „Кристо и Жан-Клод-Париз!“ предвидена за средината на март беше одложена поради епидемијата и ќе биде отворена за посетители веднаш штом културното здание биде повторно отворено во согласност со мерките воведени за борба против коронавирусот.

Таа изложба е посветена на делото на Кристо и неговата сопруга Жан-Клод во Париз. Меѓу другото, тие во 1985 година го обвиткаа мостот Пон-Неф во главниот град на Франција.

Кристо, чие вистинско име е Христо Владимиров Јавашев (1935), е декоративен скулптор и ликовен уметник.

Меѓу неговите дела се истакнува и завиткување во алуминиумски материјал на Рајхстагот во Берлин во 1995 година, како и импресивната инсталација „Порти“ во 2005 година на шеталиштето на Централ Парк во Њујорк. АН.