Властите во Јужна и Северна Каролина ги затвораат пристаништата пред налетот на ураганот „Флоренс“ кој се приближува кон нивните брегови. Повеќе од 10 милиони жители се предупредени за опасноста.

Во Северна Каролина, пристаништата на Вилмингтон и Морхед се затворени за комерцијален сообраќај, додека во Јужна Карлина во Чарлстон, е затворено пристаништето за превоз на контејнери, објави АП.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека заштитата на животот е највисок приоритет и ги повика оние што живеат на патот на ураганот да ги слушаат наредбите за евакуација. Тој додаде дека Флоренс може да биде „еден од најсилните урагани што некогаш го погодиле источниот брег“.

Ураганот моментално е оддалечен околу 500 километри од Јужна и Северна Каролина. Бројни граѓани се евакуирани во засолништа. Повеќе од десет милиони жители во три држави во САД беа предупредени за опасноста од ураганот „Флоренс“, објави Националната метеоролошка служба на САД.

Ураганот „Флоренс“ ослабе и сега е класифициран како ураган од трета категорија, објави Националниот урагански центар, но се уште се смета за исклучително опасен. Центарот додаде дека и понатаму постои опасност за животот на луѓето поради поројни дождови и бури.

Во меѓувреме, електричната компанија Дјук Енерџи рече дека поради ураганот без електрична енергија може да останат три четвртини од нивните четири милиони корисници во Јужна и Северна Каролина. Компанијата, исто така, предупреди дека прекинот во снабдувањето со електрична енергија може да потрае неколку недели.

Поради ураганот настана узбуна и во Армијата на САД. Американската морнарица ги преместува персоналот и бродовите, додека воздухопловните сили ги преместуваат авионите на побезбедни локации пред појавата на „Флоренс“ на источниот брег на САД.