Ураганот „Хана“ ја погоди американската сојузна држава Тексас и предизвика свлечишта, а американските власти предупредуваат на опасно невреме, силен ветер и обилни дождови.

Гувернерот Грег Абот издаде декларација за катастрофа за 32 окрузи, во која рече дека епидемијата на корона вирусот ќе ја комплицира работата на службите за итни случаи, пренесува „Би-Би-Си“.

Ураганот го погоди островот Падре вчера, а сега ја зафаќа областа помеѓу крајбрежниот град Корпус Кристи и Браунсвил. Со ветрови со јачина од 145 километри на час, невремето ги рушеше покривите на куќите.

„Хана“ е ураган од категорија 1, што е најнизок степен на скалата Сафир-Симпсон, кој има максимум пет степени.

„Секој ураган е огромен предизвик“, рече Абот, додавајќи дека отежнувачка околност е тоа што ураганот поминува низ областа, најпогодена од корона вирусот.

Тексас потврди повеќе од 380.000 случаи на инфекција од почетокот на епидемијата, со скоро 5.000 смртни случаи.

Националниот центар за урагани (NHC) предупреди дека „животно загрозувачкото невреме ќе продолжи преку делови од брегот на Тексас од Порт Мансфилд до Сарџент“ и ги повика локалните жители да ги следат советите на службите за итни случаи.

Невремето се очекува да го заобиколи Хјустон, јавуваат локалните медиуми. Се очекува ураганот да ослабне брзо додека „Хана“ се движи понатаму во внатрешноста преку Тексас, како и кон северо-источно Мексико. А.Н.