На 28 септември (сабота) во организација на „КЦ 750“ во парк Авионче Аеродром во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Усвитени глави“ на Ѓорѓе Јовановиќ. Посетителите ќе можат да ја погледнат изложбата и на 26 септември, од 19-22 часот.
Времињата се тешки, но, како што вели Оскар Вајлд, „Сите сме во кал, но некои од нас гледаат во ѕвездите“. Тоа е мотото што често си го повторуваат членовите на  друштвото „Усвитени глави“. Тие во моментов коваат таен план… За што всушност се работи?  Дојдете во паркот Авионче во Аеродром за да дознаете повеќе!
Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2003). Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се  прашањата за интеграцијата  и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела   тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Работи  инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи  ја флуидноста на современиот контекст.
Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство, а Учествувал  на бројни групни изложби во САД, Италија, Холандија, Франција, Шпанија, Португалија, Белгија, Финска, Египет, Грција, Србија, Турција, Словенија, Австрија, Македонија и др.
Остварил повеќе резиденцијални престои: IAAB Базел,  TICA-Tirana,  La Cité internationale des Arts- Париз, Watermill Centеr- Њујорк, Apartment project-Истанбул, ISCP- Њујорк, CCN-Грац.
Добитник е на неколку награди: „Денес“ за млад визуелен  уметник за 2009, наградата за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм / Видео во Белград, 2009, Акто фестивал, Битола, 2012 и Најдобар млад уметник на 10 Биенале на млади уметници, Музејот на современата уметност за 2013.
„КЦ 750“ е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот, поддржан од Министерството за култура е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор, за културни намени. „КЦ 750“ преку мобилниот концепт ќе се обиде на неконвенционален начин не само да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје, туку и да понуди децентрализирачки концепт на ширење на културата.