Европската комисија го претпладнево ги објави двата мини извештаи, за Северна Македонија и за Албанија а кои се наменети за земјите членки на Унијата, со цел да се донесе одлука за старт на пристапни преговори со Скопје и со Тирана.   Во усвоениот мини-извештај  за Македонија  се  повторува препораката да започнат преговори за членство во ЕУ.

„Во светлината на постигнатиот значаен напредок и условите што едногласно ги постави Советот на ЕУ во јуни 2018 г., кои беа исполнети, Комисијата во пакетот за проширување во 2019 г. препорача Советот да отвори пристапни преговори со Северна Македонија. Севкупно, Северна Македонија ги зајакна напорите и испорача натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани во заклучоците од Советот од јуни 2018 г. Следствено, основите на препораката на Комисијата од 2019 г. за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија остануваат валидни“, пишува во извештајот.

Во извештајот е наведено и донесувањето на Законот за јавното обвинителство, но се споменува и случајот „Рекет“. На средината на извештајот пишува:

„Летото во 2019 г. беа покренати сериозни прашања за т.н. случај „Рекет“ со тројца инволвирани, вклучувајќи ја поранешната специјална јавна обвинителка, обвинети за наводна изнуда и злоупотреба на службената положба. Еден од обвинетите призна вина и доби тригодишна затворска казна. Во случај поврзан со овој, потпретседател на Собранието е обвинет за измама и перење пари“, пишува во извештајот.

Исто така, во дел од извештајот  е нотирано дека имплементацијата на новата законска рамка е во тек, како и дека е зголемена одговорноста на судиите и членовите на Судскиот совет.

„Судскиот совет игра поголема проактивна улога и во заштитата на независноста на судиите, но и во примената на подобрените правила за дисциплинска одговорност. Oд јули 2019 година, разрешени се шест судии, вклучувајќи го претседателот и двајцата судии од Врховниот суд, како и тројца други судии (вклучувајќи го поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје). Одземен е имунитетот на судија од Управниот суд во 2019 година, како и за еден од членовите на Судскиот совет осомничен за измама во декември 2019 година“, стои во извештајот.