Во текот на учебната  2017-2018  година во рамките на проектот „Скопје трезор  на културното наследство“ подржан од град Скопје беа реализирани бројни едукативните работилници. Проектот се реализира во текот на целата 2018 година. Основната идеја на проектот е конституирање на интерактивни работилници со различни едукативни дисциплини и техники со музејски материјал, каде преку тренинг на различни возрасти ученици ќе се презентира истовремено и движното и недвижното богатство на градот Скопје.

-Едукативната програма е осмислена и се реализира со цел децата од најмала возраст да се запознаат со историјата на градот во кој што живеат, со недвижното културно наследство и да се стекнат и да создадат база на трајни знаења,  музејска култура, однос кон културното наследство воопшто, вели Маргарита Плевнеш Петкоска, раководител на проектот, Историчар на уметноста со археологија и едукатор во Музеј на град Скопје.

Овој проект беше навистина богат со многу едукативни работилници. Да споменеме и дел од нив. Во текот на  март, се одржаа работилници на тема „Мартинки – Среќна Баба Марта!“ Децата од градинката „Мини фини Буџетчиња“ изработуваа мартинки, амајлии направени од црвен и бел конец, кои најчесто се носат на рака како белегзија.

Работилници за „ВЕЛИГДЕН“ –најголемиот христијански празник, беше реализирана на  Велики четврток, ден кога се фарбаат велигденски јајца. Се одржа со децата од градинката „13-ти Ноември “ од Скопје и со децата од градинката „Мини фини Буџетчиња“од Скопје.
Боење јајца,  украсување, обичаи и месење на лепчиња-поскури за големиот празник, ебше дел од програмата на работилницата, со цел за развој на моторика, имагинативност,креативност на најмалите….
Од едукативни работилници за тематски изложби, Плевнеш Петкоска издвојува: изложбата „Пролетни празнувања“ поставена во Музеј на град Скопје , ја организиравме  во април-мај, таа го презентираше богатството на верувања и обичаи кои лугето од Скопје и скопските  села ги практикувале, а во симплифицирани и трансформирани форми ги практикуваат и денес.
Oбичаите врзани за секојденевниот живот, кои низ тренинг треба да остават трајни знаења кај учениците кои учествуваа на работилниците, беа инспирација за следните работилници, кои се реализираа во соработка со децата од Детската градинка „13-ти Ноември“, „Мини фини Буџетчиња“, учениците од ОУ.„Гоце Делчев“ (од I-III одделение). Најмладите уметници мотивирани од изложбата „Пролетни празнувања“ создаваат уметнички дела, креираат.
Уште една интересна работилница беше месење на лепчиња-поскури, и и друго, со изработки од тесто. Работилница –  „ВЕЗЕЊЕ“, беше спроведена со мотиви од изложените народни носии – везови, со цел забавно и интерактивно учење. Следуваа „Цртаме со првачињата“, инспирирани од пролетта во музејот, но и работилница насловена „Времеплов низ историјата на Скопје“, замислени како хронолошко патување низ историјата на градот Скопје преку директен допир со архитектонските остатоци од конретни периоди, со детали од секојдневното живеење во истите објекти, со обичаи од секојдневниот живот.
-Времепловот го започнавме со анализи на праисториските предмети од поставката, со Говрлево, преку античкиот локалитет Скупи, тврдината Кале, преку објекти од османлискиот период, ,преку посета на тврдината Кале, објектите во непосредна близина како Султан Муратова Џамија,  Црквата Св.Спас, Старата скопска чаршија, Музејот на старата чаршија Сули Ан, Даут пашин Амам…  Работилниците беа реализирани со учениците од ОУ „Јан Амос Коменски “од Скопје, петто одделение ,со цел  да  добијат  трајни знаења за историјата на градот Скопје, објаснува Плевнеш Петкоска.
-На работилниците се трудиме да ги развиваме социјалните и креативните вештини кај децата. Изработените предмети децата ги задржуваат за себе. Изразувам благодарност до сите кои беа вклучени во работилниците кои беа дел од  проектот „Скопје трезор на културното наследство“, кој се реализира со подршка  од Град Скопје, децата и воспитувачите од градинките „13-ти Ноември“, Градинката „Мини фини Буџетчиња“ како и учениците и наставниците од основното училиште „Гоце Делчев“и ОУ „Јан Амос Коменски“,  кои зедоа активно учество и со тоа помогнаа да се реализира овој проект. Продолжуваме со нови идеи и нова енергија, вели Маргарита Плевнеш Петкоска, раководител на проектот, историчар на уметноста со археологија и едукатор во Музеј на град Скопје. В.Ѓ.П.