четврток, април 25, 2024
домаКујнаУставот и бајката на Република Хрватска

Уставот и бајката на Република Хрватска

Кон „Устав на Република Хрватска“, режија: Рајко Грлиќ, сценарио: Рајко Грлиќ и Анте Томиќ, улоги: Небојша Глоговац, Ксенија Маринковиќ, Дејан Ачимовиќ, Јелена Јованова, музика: Дуке Бојаџиев, монтажа: Андрија Зафрановиќ, Хрватска, Чешка, Македонија, Словенија 2016

Република Хрватска е единствена, неделива, неотуѓива, демократска и социјална држава, во која власта му припаѓа на народот како заедница на слободни и рамноправни граѓани. Тоа е една од речениците која повеќе пати се повторува во новиот филм на Рајко Грлиќ, едноставно наречен „Устав на Република Хрватска“. И, навистина, мора да признаеме дека нема подобар и полуциден начин за да се проговори за тоа колку „темелните вредности“ предвидени во највисокиот акт на државата се само мртво слово на хартија. А уште повеќе кога се зборува за тоа дека сите граѓани се рамноправни без оглед на нивното национално, расно, верско, сексуално или политичко уверување…

Се направија многу филмови на тема распадот на поранешна Југославија, многу уметнички дела каде што авторите зборуваат за сите трагедии и за целата бесмисла која се случи на овие простори. Едноставно, тоа е нешто што не можете да го избегнете особено ако сте биле дел од сето тоа што оваа земја умееше да го донесе, сплотувајќи го овој народ, а потоа и разделувајќи го на најужасен можен начин. Но, ова дефинитивно, е еден од најубавите филмови кој на таков неверојатен начин ја спојува болката и љубовта, трагичноста и убавината, посветеноста и омразата, поделеноста и разбирањето, национализмот и прифаќањето, непријателството и пријателството кое наеднаш дава сосем поинаква перцепција.

Дури може да се каже дека Грлиќ на својот филм му дава една помалку бајковита нота, која впрочем е и единствената можна за да се случат толку големи промени кај луѓето полни со предрасуди. „Устав на Република Хрватска“ во својата суштина е сатира, но и бајка, тоа е филм кој зборува за неверојатните апсурди со таква „лесна“ иронија и со таква симпатија, која не може а да не ве разнежни. Тој зборува за крајностите, за екстремните убедувања и обвинувања на другиот, но тргнувајќи од слабостите, тргнувајќи од сопствената ограниченост, додека, од друга страна, зборува и за една  таква позитивност, ширина и благородност, што ставени едно наспроти друго или едно покрај друго, секако, делуваат неверојатно. Особено тогаш кога ќе почнат да се препознаваат…

А и како поинаку да го помирите непомирливото, како поинаку да покажете колку се бесмислени предрасудите, осудувањето и гледањето на луѓето без нивниот интегритет, без нивното лично, без нивниот сопствен идентитет. – „Нема јас како јас, ти му припаѓаш на тој народ, а тој народ е троскот“. – Како поинаку да го стопите мразот, освен со љубов, со прифаќање, со неосудување и со топлина кои не виреат овде. Затоа ни треба бајката за да го прифатиме доброто и да го победиме лошото (па колку тоа и да звучи црно-бело).

Исклучителен е филмот на Грлиќ, тоа дефинитивно е неговиот најзрел и најсилен филм и кога станува збор за критичноста, и кога зборува за воспевањето на човечното во човекот. На мало место, во една зграда, во едно соседство од само четворица луѓе тој ќе го донесе целиот универзум, токму уште еднаш покажувајќи ја бесмислата на една „мала“ земја, на еден „мал“ народ, толку полн со омраза, со предрасуди, со неприфаќање, со одбивање, со осуда, со некое задоволство во сопствената исклучивост, во својата самотија, во својата убеденост дека е над другите, дека тие не заслужуваат да биде дел од нив, да делат, да живеат заедно.

Ustav na Republika Hrvatska 1Апсурдот е уште поголем кога обвинувањата доаѓаат од некој кој исто така припаѓа на група, кон која другите имаат толку предрасуди. Но, се чини искуството не не учи на ништо, освен на тоа дека другите се виновни, дека тие го уништуваат сето она добро што ние го носиме. И додека во соседството се одигрува таа неверојатна бајковита приказна на неочекуваното (но толку природно) премостување на разликите, на прифаќањето на различноста, на останувањето без збор кога ќе видиме дека и тие кои се толку полни со омраза умеат така вистински и така длабоко да сакаат. И додека во таа мала заедница промените се толку големи, дотогаш продолжува пародијата околу човекот кој ги полни колбасите со стакло и им ги остава на кучињата насекаде низ градот. Бидејќи, стравот, опседнатоста, паранојата и убеденоста во своите (фикс)идеи се непобедливи, бидејќи приказната и метафората за едно болно општество продолжува…

Имено, промените се случуваат во тој замислен паралелен свет во кој се е можно, во кој разликите збогатуваат, во кој умееме да ги надвладееме сопствените пориви за доброто на другиот. Токму затоа, тежината на зборот и рамнотежата се претвораат во совршена завршница во стиховите на Јосипа Лисац, во оние стихови кои не потсетуваат на темелните вредности, на оние вредности кои треба да се дел од нашиот живот, а не од Уставот на Република Хрватска. Темелните вредности кои можеби не можат животот да го претворат во бајка, но можат да му дадат достоинство, можат да му дадат смисла и разбирање. Она разбирање за другиот кое ќе не натера да се разбереме себе, да му веруваме на зборот и да ја бараме рамнотежата, на која впрочем почива и универзумот.

Извонреден кастинг и улоги на Небојша Глоговац, Ксенија Маринковиќ и Дејан Ачимовиќ, кои буквално ве изместуваат од место. Кои со таква проживеаност, со таква фасцинантност и суштественост (заедно со неверојатно силната музика на Дуке Бојаџиев, која допира длабоко точно доловувајќи ја бурата од емоции, непознатото и (не)реалните исчекувања) ги носат своите ликови во кои не можете, а да не се најдете себе. Макар во еден гест, макар во еден збор, разбирање, убедување, одбивање, но и во потребата на сите за припаѓање и прифаќање. Потреба на која забораваме, која ја потценуваме, на која и се потсмеваме додека во себе го потиснуваме копнежот.

Тоа е филм за сите нас, филм кој не тера да се видиме во другиот, да не затвораме очи, тоа е филм кој на толку едноставен начин зборува за човекот, за неговата суштина, за неговата смисла и бесмисла, за човекот на кој му треба бајка за да може да види кон невидливото, за да може да премине, за да верува, за да ја најде толку потребната рамнотежа. Му треба бајка за да го најде човекот во себе, оној човек кој е некаде сокриен од себеси и од другите додека се обидува да биде среќен во својата сопствена заблуда.

Сунчица Уневска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ