Учениците да бидат ослободени од носење заштитни маски против Ковид-19 во основните училишта, а обврската да остане за наставниците, професорите и административно-техничкиот персонал, е една од трите мерки за олеснување кои ги најави денеска Комисијата за заразни болести, а ќе ги препорача до владата.

Како што соопшти денеска на пресконференција претседателот на Комисијата, Александар Петличковски, „ако некој сака да носи маска, оти дома има возрасни членови на семејството кои сака да ги заштити, не е забрането да носи маска. Но, задолжението, обврската ја укинуваме“. Тој додаде дека одлуката била донесена со големо мнозинство од членовите на Комисијата.

Во однос на начинот за изолација кој досега се применуваше доколку има заболен ученик во едно одделение, нема да има измени.

„Начинот на изолација останува ист. Оваа мерка која сега ја носиме е согласно епидемиолошкиот ризик. Во моментот, според тие параметри се наоѓаме во зелена зона. Следењето на тие параметри продолжува активно и доколку видиме дека има било какво влошување на епидемиолошката состојба, или зголемување на епидемиолошкиот ризик, тогаш истите мерки кои беа претходно можат да се вратат на сила. На ваков начин со постепено олабавување на мерките ако успееме да ја исконтролираме состојбата со со постепено олабабување, сакаме да избегнеме да се доведеме до состојба како Германија, Британија и Данска, со нагло зголемување на заразени и починати“, додаде портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.

Другите две препораки кои ги донесе Комисијата на денешната седница се да се зголеми капацитетот на исполнетост на објекти од затворен тип како театри, кина, опери, на 75 отсто, за разлика од досегашните 50 отсто и да не се бараат ковид-сертификати за гости во отворен дел од угостителски објекти.

Ваквите препораки се донесени врз основа на проценката на епидемиолошката состојба во изминатата недела.

„Оваа моментална состојба ни дава простор да здивнее, и се занимаваме со вакцинацијата, со нејзино рекламирање. Ние не ја заклучуваме пандемијата, не знаеме што ќе се случи за еден месец, не па за два, три. Имавме интензивирање и тоа ќе го засилиме, има резултат од потсетувањето и тоа прво тие со поголем ризик, а потоа и на оние кои примиле две дози и поминало доста време. Стандард е три дози“, рече Петличковски. А.Р.