Постигнат е уште еден голем успех во трката за вакцина против вирусот корона, откако американската компанија за биотехнологија „Модерна“ ги објави импресивните резултати од фазата 3 на испитувањето на нејзиниот кандидат, јавува Си-Ен-Ен. Привремената анализа објавена во понеделникот откри дека кандидатот за вакцини „Модерна“ покажува ефикасност од 94,5%, пренесува „Гардијан“.

Компанијата соопшти дека сега планира да го контактира регулаторот, Управата за храна и лекови на САД, во следните недели за одобрување за итна употреба. Стапката на ефективност е далеку над ефикасноста од 50 проценти што ја бара американската Администрација за храна и лекови за вакцината коронавирус. Тестирањето спроведено на 30.000 луѓе покажало дека од 95 лица кои се заразиле со корона, дури 90 биле оние кои примиле плацебо и само петмина кои примиле вакцина за корона. Исто така, никој од тие пет не развил посериозни симптоми.

Првите резултати од последната фаза на клиничките испитувања на компанијата донесоа уште еден значаен успех во глобалната трка за крај на пандемијата, откако минатата недела беше утврдено дека вакцината „Фајзер“ е ефикасна 90 проценти. Резултатите на „Модерна“ беа анализирани од независен одбор за надзор над безбедноста на податоците назначен од Националниот институт за здравство.

– Ова се очигледно многу возбудливи резултати. Не може да биде подобро од ова – 94,5% се навистина извонредни – рече д-р Ентони Фаучи, главниот американски епидемиолог, пишува Си-Ен-Ен.

Освен ефикасноста, друга важна работа што се издвојува со вакцината на Модерна е што не бара складирање на екстремно ниски температури, туку е стабилна на температури од два до осум степени за 30 дена и може да се чува на температура од минус 20 во период од шест месеци. Вакцината на Фајзер мора да се чува на минус 70, додека рускиот Спутник В, кој е ефикасен 92 проценти, може да се чува на минус 18. Вакцините „Фајзер“ и „Модерна“ имаат слични резултати затоа што ја користат истата техника за активирање на имунитетниот систем на организмот со mRNК. Вакцината на компанијата Модерна не се очекува да биде достапна надвор од САД до следната година. Ал.Н.