Правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други обврзници, кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за справување со КОВИД–19, се ослободуваат од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход и од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година, соопшти директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска на прес-конференција во Владата.

-Изминатиов период сите заедно живееме тешко време, соочени со последиците предизвикани од глобалната пандемија од коронавирусот. Во овој момент најважна е помошта од државата со којашто ќе им се помогне на сите кои се директно погодени од оваа криза. На секоја компанија, на секој работник, на секој човек. Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за примена на законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба, со којашто се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година, како и Уредба со која се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година – рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

За да го користат ова право обврзниците треба да ги исполнуваат следните услови: да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на уредбата со законска сила, до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година), и да не го намалат бројот на вработени, сметано од 26.03.2020 година до три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Како што посочи таа обврзниците од останатите дејности правото од ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка може да го остварат доколку исполнуваат и еден од следните услови: вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките, да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година. Третата можност е даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

-Даночните обврзници, го остваруваат ова право со електронско поднесување на образец Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтации на данок на добивка (образец ДД-ОМА) преку системот e-Даноци на УЈП. Досега во УЈП се поднесени и прифатени вкупно 370 барања – посочи Лукаревска.

Ослободувањето од плаќање на данокот на личен доход се однесува на обврзниците кои остваруваат доход од вршење на угостителска дејност, туризам и транспорт, но и други даночни обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејност, а имаат претрпено штети во своето работење заради спроведување на мерките за справување со КОВИД-19.

Обврзниците кои остваруваат доход од вршење на угостителска дејност, туризам и транспорт не треба го намалат бројот на вработени, сметано од 26.03.2020 година до три месеци по престанувањето на важноста на уредбата, освен во случај на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработен.

Обврзниците од останатите дејности кои имаат претрпено штети во своето работење, треба да исполнат еден од следните услови:

–        вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или

–        бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките за КОВИД-19 да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или

–        даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

Како што посочи Лукаревска, за користење на ослободувањето самовработените лица поднесуваат Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на доход од вршење на самостојна дејност (образец ДЛД-ОМА) преку системот е-персонален данок на Управата за јавни приходи.

-Управата за јавни приходи овозможи автоматска обработка на поднесените Барања при што обврзникот добива повратна порака за статусот на Барањето. Барањето се однесува за трите месечни аконтации кумулативно (март, април и мај 2020) така што обврзниците не треба да поднесуваат барање за секоја аконтација посебно. Доколку обврзникот добие порака дека Барањето е комплетно и е прифатено, автоматски се применува ослободување од плаќање на аконтациите на данок за месеците март, април и мај 2020 година. Доколку обврзникот има поднесено комплетно и прифатено барање сите наредно поднесени барања ќе добијат статус на отфрлени. Доколку обврзникот направил грешка при пополнување, поради што барањето е отфрлено, истиот треба да поднесе ново барање – објасни Лукаревска, и воедно ги повика самовработените лица и сите кои ги исполнуваат условите да поднесат барања до УЈП и да ја искористат оваа поддршка. А.Р.