Во организација на евровизискиот фан клуб ОГАЕ Македонија, утревечер со почеток во 21:00 традиционално ќе се одржи Евровизиска забава за испраќање на македонската делегација и евровизиската претставничка Андреа во Торино, најави скопскиот “Нано бар” на својата фејсбук страница.

На забавата во пресрет на евровизискиот натпревар, посетителите ќе уживаат во најголемите евровизиски хитови, победничките песни од изминатите години, како и песните на досегашните македонски претставници. Настанот ќе се одржи во Нано Бар во Дебар Маало, а влезот за сите евровизиски фанови е бесплатен, објаснуваат понатаму.

Андреа Коевска со екипата во Торино заминува на втори Мај. На 12 мај, на втората полуфинална вечер ќе ја пее песната Circles, на која автор е Александар Масевски, а текстот го напишаа заеднички. Во придружни вокали се Рената Кралевска и Ана Петановска. Екипата ќе отпатува под водство на шефицата на делегација Мери Попова, уредничка во МРТВ.

Во изминативе месеци Андреа беше и на промотивната турнеја низ Европа-пееше во Лондон, во Тел Авив, но и низ регионов, во Романија и Црна Гора.

66. Евровизија се одржува во Торино, на 10 и 12 мај полуфиналните вечери, и финалето на 14 мај. Во полуфиналињата ќе пеат 35 земји, а на оние (20) кои ќе влезат во финале ќе им се придружат и земјите од “големата петорка” Велика Британија, Германија, Шпанија, Франција и Италија. Италија, по случаен избор, ќе настапи деветта во финалето. Таа е земја добитник благодарение на минатогодишната силна победа на римјаните “Манескин” со песната “Zitti e buoni”, кои потоа станаа и планетарни рок ѕвезди, со настапи на големи светски фестивали и концерти.