На самиот почеток на февруарската филмска програма во Кинотеката (1 февруари, вторник), не случајно имаме два македонски играни филмови: СЕСТРИ на Дина Дума и САМОУНИШТУВАЊЕ на Ербил Алтанај. СЕСТРИ е дебитантски долгометражен игран филм на Дина Дума (на англиски SISTERHOOD, што може да се преведе како СЕСТРИНСТВО), кој веќе успешно чекори на фестивалите. Се закити со награда на Филмскиот фестивал во Карлови Вари во август минатата година, каде ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, a македонската премиера ја имаше на 42. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“ – филмот на Дума го отвори фестивалот во Битола – и беше македонски кандидат за наградата „Оскар“. Филмот на младата Дина Дума – за растењето на две девојчиња во типична пост-социјалистичка средина со изместени вредности, на многу начини, се надоврзува на филмот САМОУНИШТУВАЊЕ на Ербил Алтанај од 1996 година, урбана трагикомедија за распаѓањето на семејството и „оѕверувањето“ на поединецот. Гледањето на САМОУНИШТУВАЊЕ четврт век подоцна некако можеби ќе нè потсети дека сме заглавиле во времето на транзицијата: за жал – но и за среќа на авторите – филмот сè уште е свеж, како да е снимен вчера, според актуелните новински текстови и телевизиски прилози во црните хроники…!?

Следуваат кратки филмови на уште еден млад македонски автор. Илија Павлов е комплетен автор – сценарист, режисер, директор на фотографија, монтажер – на неколку кратки, експериментални, документарни и долгометражни филмови снимени од 2014 до денес, па гледачите ќе имаат можност да видат избор од неговиот досегашен опус.

Француската кинематографија со право го носи епитетот на една од најжилавите европски филмски индустрии, најмногу поради продукциските капацитети, широкиот дијапазон на жанрови и теми, а секако и авторските потфати. Оттаму, два наслови од француската кинематографија се на кинотечната програма на почетокот на февруари: драмата со емигранти во фокусот ДЕМИЈАН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ на Ксавиер де Шодан во склоп на „Ноќта на идеите“ на Францускиот културен центар, и ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ од 1958, култна крими-драма на Луј Мал. Токму овој дебитантски филм на Мал ќе му ја трасира успешната кариера од протагонист на францускиот нов бран до автор на холивудски хитови, но ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ е клучен за подемот на Жана Моро како водечка европска актерка.

Косовската кинематографија последниве години изнедри неколку одлични автор(к)и, а меѓу нив секако е и Блерта Башоли со УЛИШТЕ, во кој продукциски учествува и Македонија. Нејзината социјална драма за премрежијата низ кои минува главната хероина, доби три награди на 38 филмски фестивал „Санденс“ во САД 2021 и е косовски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар меѓународен филм.

Популарниот актер Виго Мортенсен, со неговиот наградуван авторски филм ОПАЃАЊЕ ја загатнува темата на семејните односи меѓу стариот конзервативен татко и неговите либерални деца, сега веќе возрасни луѓе.

Кинотечната програма во февруари репризира неколку наслови од европските продукции кои го завреднуваат вниманието на филмофилите, како и филмовите на Ањешка Холанд (Agnieszka Holland), Јан Матушински (Jan P. Matuszynski), Јан Комаса (Jan Komasa), Малгоржата Шумовска (Malgorzata Szumowska) и Томаж Василевски (Tomasz Wasilewski) од успешната НЕДЕЛА НА ПОЛСКИ ФИЛМ што се одржа во декември. А.Р.