Холанѓанецот Макс Ферштапен во Ред Бул победи во трката за Големата награда на Абу Даби и со тоа ја спушти завесата на овогодинешниот шампионат на најдобар можен начин.

Ферштапен стигна до втората победа во сезоната на доминантен начин, без можност да го стигнат Валтери Ботас и ново-стариот шампион Луис Хамилтон од Мерцедес.

Одлична трка извозе и Александар Албон, тимски колега на Ферстапен, а во топ 10 се најдоа и возачите на Мекларен, Ландо Норис и Карлос Саинс, потоа Даниел Рикардо од Рено, Пјер Гасли од Алфа Таури, Естебан Окон во Рено ја мина целта како деветти, а десеттото место му припадна на Ленс Строл.

Посебно внимание привлекува уште една очајна трка на Ферари, бидејќи Себастијан Фетел заврши на 14-тото место во збогувањето од „коњчето“, едно место пониско од неговиот тимски колега, Чарлс Леклерк. А.Р.