Фестивалите “Skopje Sounds Good” и “Skopje Calling” сепак ќе се одржат на 29-ти и 30-ти октомври во Младински културен центар- Скопје.

-Нашиот став е дека никогаш не треба да се предадеме и дека ако престане да се свири и пее, престанува и животот. Поради тоа, заедно со нашите спонзори- стратешки партнери, одлучивме двата фестивала SKOPJE SOUNDS GOOD и SKOPJE CALLING коишто беа откажани поради деновите на жалост и поради катастрофата во Тетово, да се одржат во форма која е единствено возможна во овој момент – најави организаторот “Авалон продукција”.

Како што посочуваат оттаму, “SKOPJE SOUNDS GOOD”, со скоро непроменет line up ќе се одржи на 29-ти октомври, со настапи на “BUČ KESIDI”, “NIPPLEPEOPLE” и “FUNK SHUI”, а утредента на 30-ти октомври ќе се одржи македонско издание на “SKOPJE CALLING” исклучиво со домашни диџеи и тоа: GALOSKI, CYRILLIC, CHRIS J и JANA SLAYY. Со вакво одржување на “SKOPJE CALLING” не само што ќе имаме можност за добра забава, туку им даваме шанса и на македонските артисти да настапуваат под овој сериозен фестивалски бренд, додава организаторот.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба во четврток (07-ми октомври) во 09 часот наутро, во строго ограничен број по следниве цени:

SKOPJE SOUNDS GOOD- 700 денари

SKOPJE CALLING – 500 денари

Блок влезница (за двата настана)- 900 денари

“Skopje Sounds Good” и “Skopje Calling” ќе се одржат согласно актуелните протоколи за одржување на јавни настани.