Основачот на Фејсбук Марк Цукерберг денес ќе се појави пред Конгресот на САД, каде што ќе одговара на прашања во врска со скандалот што ја потресе компанијата.

Според сите претходни настапи на Цукерберг во медиумите, како и подготвената изјава која ќе ја прочита, може да се предвиди што ќе каже – ќе се извини за сите проблеми што се случија во последно време, од лажни вести, мешање на други држави во претседателските избори во САД, говорот на омраза и нарушување на приватноста, па како основач и претседател на компанијата, ќе ја признае вината и ќе најави промени што ќе ги решат проблемите во иднина.

Но, без оглед на исходот од тоа сведочење, на Фејсбук му се заканува уште еден голем проблем кој, во теорија, но речиси сигурно не и во пракса, може да значи крај на оваа компанија и социјална мрежа.

Федералната комисија за трговија (ФТЦ) во САД започна истрага против Фејсбук поради кршење на спогодбата на која се согласија со компанијата на Цукерберг уште во 2011 година. Според спогодбата, Фејсбук е должен да почитува одредени правила кои се однесуваат на приватноста и заштитата на податоците на корисникот – правилата за приватноста мора да бидат јасни и разбирливи за секого, а за некои промени кои се однесуваат на приватноста и заштитата на личните податоци се бара согласност од самите корисници.

По последните настани ФТЦ започна истрага која се уште е во почетна фаза и не се констатирани повреди на спогодбата, но ако истрагата се прошири, особено со сите сознанија во врска со „Кембриџ аналитика“, речиси е сигурно дека Комисијата ќе најде многу прекршувања на спогодбата и им се заканува казна.

Што ќе биде казната, останува да се види, но неодамна поранешниот претседател на ФТЦ Вилијам Ковачиќ се пошегува дека се работи за повеќе пари отколку што во моментов има на планетата (тој мислеше на банкноти и монети), а бројката за која се зборува е, верувале или не – 7,5 милијарди долари, што, се разбира, ќе биде крај на Фејсбук.

До оваа бројка медиумите дојдоа кога го собраа бројот на Американци кои се засегнати од скандалот со „Кембриџ аналитика“ (71 милион) и корисниците (околу 110 милиони), кои се загрозени од друг пропуст кој Фејсбук го призна и преку кој јавни податоци на корисниците беа достапни со пребарување на телефонскиот број и мејлот со највисока можна казна која оваа компанија може да ја добие по корисник – 41,484 долари.

ФТЦ сигурно нема да го удри Фејсбук по џебот со една ваква голема парична казна, а „Вашингтон пост“ наведува дека сумата може да биде околу една милијарда долари.