Има доволни количини на лекови, граѓаните да бидат спокојни, да не земаат антибиотици на своја рака, порача министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција за актуелната состојба со коронавирусот.

-Во последниве денови огромна е побарувачката на лекот „сумамед“. Не е добро некој сам да иницира лечење со овој лек. Сите лекови ги има во аптеките во доволни количества. И парацетамолот не е безопасен лек, има токсичност на одредени органи ако се зема пречесто или без индикација од лекар. Моја препорака е луѓето да не прават домашни аптеки рече министерот Филипче.

Министерот Филипче по соопштението од министерството за здравство денеска напладне за уште една жртва од вирусот, појасни дека починатиот пациент – 63 годишен човек од Дебар, бил примен во болница на 17 Март со наод на бели дробови, без температура, но состојбата му се влошила, по што му е направена реанимација, но по неколку часа починал. Семејството не дало податок за коморбитет (претходна болест) на бели дробови.

-Во изминатите 24 часа регистрирани се 22 нови случаи на заболени, со што бројката се искачи на 136. Се очекуваат тестовите за шест контролни пациенти кои се хоспитализирани – тројца се со тешка клиничка слика, двајца со средно тешка. За вработените од Кожната клиника истекуваат 14 дена изолација, ќе се тестираат по што се очекува да биде отворена Клиниката – соопшти тој.

Филипче соопшти дека во однос на терапијата, излегоа студии од веќе аплицирана терапија во светот која кај нас е целосно обезбедена.

-Тоа е терапија која дава добри резултати во лекувањето на овие пациенти. Веќе многу земји ја ставија во протоколите – објасни Филипче, додавајќи дека има седум дијагностицирани лица помалку, што е охрабрувачко, но дека сеуште се очекува зголемување на бројот на пациенти.

Од вкупно 136 заболени лица, 81 се од Скопје. Дваесет и пет се лечат на Клиниката за инфективни болести. Нема автохтоно локално жариште во главниот град.

-После два циклуси на инкубација се смета дека тие кои биле заболени, целосно оздравеле. Затоа она што постојано се препорачува е социјална дистанца, да нема движења надвор и заштита на ризичните категории граѓани – рече Филипче.

Од денеска се во функција 14 центри за тестирање низ Македонија, за земање на брисеви, а локациите се објавени се на сајтот на „Мој термин“.

– Со ова ги ставаме во функција матичните лекари. Секој пациент може да се јави кај матичен доктор, кој врз основа на епидемиолошка анкета, со помош на алгоритам ќе каже дали е потребно тестирање или не. Ако е потребно, се закажува термин и се оди во пункт. Во Скопје вакви пунктови засега има во поликлиниката „Јане Сандански“ и поликлиниката во Ченто. Потоа на пациентот ќе му бидат кажани резултатите, а согласно состојбата ќе биде одредено дали ќе се лечи на клиника или дома – соопшти министерот Филипче.

Како што посочи тој, на состанок со членовите на Комисијата за заразни болести разговарале за зајакнување на мерките во однос на граѓани кои се во ризична група, и тоа граѓаните над 65-годишна возраст и младите до 18 години кои се преносители, за што ќе се разговара на вечерашната владина седница. А.Р.