„Се наоѓаме во третиот бран на вирусот и имаме континуирано зголемување на инциденцата. Што се однесува до состојбата во болниците имаме 1100 пополнети болничките места, сите интерни клиники сега се ковид центри , а отворено е и едно одделение на хируршките клиники“ – рече Филипче на почетокот на денешната прес конференција, притоа информирајќи дека и покрај високата инциденца, нема најава за затегнување на мерките до почетокот на идната недела. Филипче и Караџовски сметаат дека ако мерките кои сега се на сила не ги даде очекуваните резултати би имало дури и затегање на мерките некаде на почеток на следна недела.

Тие нагласија дека сме во ситуација кога очекуваме сегашните рестриктивни дополнителни мерки, односно рестрикцијата на движење по 22 часот, да дадат уште дополнителни позитивни резултати во контрола на епидемијата и тоа да се случи на крајот на оваа или почеток на следната недела. Состојбата се следи на дневно ниво, и се прави проценка во делот на инциденца, преваленца, хоспитализации и бројот на починати, на болнички кревети и на медицински кадар, како и се она што се случува во епидемиолошка смисла на зборот.

Сепак, Филипче потенцира дека има доволен број на болнички кревети и дека сите Ковид центри се во функција, а подготвени се и модуларните болници во Прилеп, Битола и сето тоа врз основа на секојдневната комуникација.

„Утрово имавме седница на Комисијата за заразни болести и врз анализата на бројките за актуалната ситуација и констатирано е онаму каде имаше константно покачување на инциденцата сега е смирена состојбата, но има континуирано качување на новозаболени во Скопје, Тетово, Гостивар„ рече Филипче.

На новинарско прашање дали се размислува за сертификат за лицата кои прележале ковид и имаат антитела, министерот Филипче одговори дека се размислува што да се прави со таа група на граѓани и дека чекаат да видат како ќе биде решено во рамите на ЕМА, но и дека е можно таа група на граѓани да примат по една доза од вакцината.

За безбедноста на вакцините Филипче потенцираше дека секоја вакцина што ќе влезе кај нас ќе биде безбедна и одговори дека тој би се вакцинирал со АстраЗенека вакцината.

На прашањето колку е безбедно да се спроведе пописот Караџовски одговори:

„Предлог протоколот беше побаран и ние го направивме, понатаму државните институции ќе одлучат дали ќе има или ќе нема попис, на кој начин ќе се спроведува, а ние дадовме повеќе опции за спроведување на пописот“, рече Караџовски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе одат во 14-дневен карантин владините функционери Драги Рашковски, кој е на годишен одмор во Мексико, и Љупчо Николовски, кој отпатувал во Дубаи, Филипче рече дека не би коментирал индивидуални одлуки, истакнувајќи дека карантинот е задолжителен за оние кои ќе допатуваат од која било африканска земја.

– Карантин од 14 дена е препорачан за луѓе кои патуваат во земји од африканскиот контитент. Причина за тоа е евентуална трансмисија и внесување во земјава на т.н. јужноафриканска варијанта на вирусот, која се карактеризира по тоа што многу побрзо се пренесува и по тоа што се уште не се знае ефектот на вакцините врз овој сој на вирусот. Во однос на другиот дел од прашањето, не би сакал да коментирам индивидуални одлуки, рече Филипче.

Н.Д.