Од денеска почнува вакцинацијата со бесплатна вакцина за сезонски грип за сите ризични групи, на сите вакцинални пунктови, соопшти денеска на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека од вчера започна и тестирање со брзи тестови за Ковид-19 на пунктови во 6 здравствени домови низ Скопје.

Како што посочи министерот Филипче за тестирање со брзи тестови постапката исто така се одвива преку матичен лекар, кој ќе одреди дали ќе се прави брз тест или класичен ПЦР тест. Во сите болници во државата освен во Струмица и Куманово, има слободни болнички кревети и пристап до кислород, рече тој и додаде дека со обезбедувањето болнички капацитети и подготовката на кадарот и системот за ротација, подготвени сме за периодот што доаѓа.

-Огромен е притисокот во изминатите денови, но со ова дополнително обезбедување на капацитети и оспособување на интерни одделенија, принцип на ротација, обезбедени се капацитети и за периодот кој доаѓа, имаме планови и за други интерни клиники и план за распоред на кадарот. Во овој момент нема потреба да се менува системот за Мој термин, но спремни сме ако има потреба. Од вчера има нова владина одлука, односно рестрикција во групирањата, групата не смее да биде поголема од четворица во текот на цело деноноќие. Апел до граѓаните, ова е тежок и комплексен период, мораме сите да бидеме свесни и да ги почитуваме мерките, да не излегуваме од дома зашто капацитетите се преоптоварени – рече министерот.

Како што посочи тој бевме сведоци дека изминатиот период и покрај апелите имаше собири на јавните површини за време на викендите, па токму затоа е оваа мерка за ограничување на групирањето.  Мерката за забрана на групирање нема да важи на места како пазар и јавен превоз, и секаде каде што веќе има јасни протоколи за работа, како спортски натпревари, настава на отворено или затворено и слично.

Министерот Филипче посочи дека овие мерки се доволни, и засега нема да има полициски час, ниту карантин, а ситуацијата постојано се следи и анализира од страна на Комисијата. А.Р.