Четири нови лица со корона вирус се потврдени во Македонија, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче, додавајќи дека пациентите се од Дебар и ќе бидат префрлени на Инфективната клиника во Скопје. Новозаболените се на возраст од околу 55 години, а биле во контакт со втората група заболени, брачна двојка од Дебар. Сите се со лесна клиничка слика.

Министерот Филипче рече дека во Дебар и во Центар Жупа ќе биде прогласено кризна состојба со одлука на Владата што значи дека ќе биде ограничено движењето во и од двете општини.

-Не може вака неодгоорно да се однесуваат луѓето. Кога викаме нема собири -значи нема собири. Ова мора да се почитува – истакна Филипче.

Осуммината претходни пациенти со коронавирус се стабилни, освен жената од Дебар кај која има ново влошување на состојбата и е на чекор да биде поставена на машина за дишење.Таа и сопругот на 26 февруари дошле од Италија, а на 7 март беа хоспитализирани. Досега има вкупно13 заболени, а првата пациентка е негативна на повторениот тест и утре ќе биде пуштена на домашно лекување.

Еден наш граѓанин кој денеска слетал од Германија се испитува за вирусот, а резултатите ќе стигнат во текот на денот. Во изолација се патниците кои седеле во негова близина. А.Р.