Се намалуваат индикациите за тестирање од КОВИД-19, утврди Комисијата за заразни болести, а тоа е знак дека се смирува пандемијата, соопшти на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Има пет пати повеќе оздравени, отколку заболени лица и има повеќе оздравени отколку активни случаи, што е добра вест. Тој соопшти дека денеска се дијагностицирани 23 новозаболени пациенти, од вкупно 386 тестирања и тоа во: Скопје-5, Куманово-5, Прилеп-3, Тетово-6, Велес-2 и Неготино -2. Двете лица заведени во ПЕ Неготино, се жители на Демир Капија..

Институтот за јавно здравје регистрирал 111 оздравени пациенти во: Скопје-13, Куманово-74, Штип-1, Прилеп-18, Битола-1, Охрид-1, Крива Паланка-1, Пробиштип-1 и Демир Хисар-1.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починал пациент од Скопје на возраст од 62 години, а во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Гостивар на 59 години.

Во денешниот извештај на Институтот се евидентирани и две починати лица од околината на Куманово, на возраст од 72 и 79 години, пациентка која се лекувала во домашни услови и пациентка која се лекувала на инфективното одделение во болницата во Куманово.

Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја изнесува 1465, бројката на оздравени пациенти е 738, на починати е 77, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 650.

За прв пат денеска била екстрахирана крвна плазма на двајца пациенти заболени со КОВИД-19, соопшти Филипче, а во врска со случувањата во Центарот за јавно здравје Велес најави дека денеска ќе се назначи нов директор.

Тројца заболени здравствени работници од Клиниката за детски болести, се без симптоми и брисот кај лаборантот е негативен, а 23 лица кои имале контакт со нив после изолацијата од 14 дена се асимптоматски., соопшти Филипче.

Од Комисијата за заразни болести се изготвени планови за функционирање на фабрики, јавен превоз и ќе бидат соопштени наскоро и сите планови за попуштање на мерките, но тоа ќе биде постепено за да нема масовни собирања,  рече тој, додавајќи дека треба да се види дали во наредните денови бројот на пациенти ќе биде вака низок за да можеме да кажеме полека епидемијата стивнува.

„Протоколите на Комисијата за заразни болести се подготвени, но сепак мора да се внимава. Ќе почекаме да видиме како ќе биде деновиве, но олабавувањето на мерките нема да значи и комплетно враќање во животот во нормала. Пак ќе треба да се носат заштитни маски и ќе мора да внимаваме“, порача Филипче.

Министерот Филипче смета дека има индиции дека вирусот ќе се врати наесен, бидејќи станува збор за респираторен вирус. Иако има тренд на помалку случаи каде што имало БСЖ вакцинации, тоа не е апсолутно потврдено, смета Филипче па треба да сме подготвени за можен пик како лани со грипот. А.Р.