Првата пратка на вакцините против ковид-19 за која земјава аплицираше преку Ковакс механизмот може да се очекува кон крајот на месецов или почетокот на февруари, изјави министерот за здравство Венко Филипче соопштувајќи дека министерството за здравство било писмено известено за ова.

-Ние аплициравме со сите документи во однос на подготвеноста на нашиот систем и, практично, веќе аплициравме да бидеме во првата група земји во однос на чување на температура на минус 70 степени, дистрибуцијата и практичната апликација преку здравствените домови. Крајниот рок за апликацијата е 18 јануари и потоа останува да видиме кога точно би пристигнала пратката. Според нивното писмо, станува збор за вакцината на Фајзер, а следна што доаѓа предвид е вакцината на Астра Зенека – соопшти Филипче, додавајќи нема најава за точна количина, како што нема ни една земја од Ковакс-системот.

Државата очекува преку три механизми да добие по 800 илјади дози на вакцините за 400 илјади граѓани, вкупно милион и двесте илјади граѓани, или близу 60 проценти од населението, што би било доволно за да се создаде колективен имунитет.

-Значајно се намалува бројот овие изминати денови на пациенти на кои им е потребна хоспитализација, а и понатаму е оној тренд на одржување на оној исклучително мал број хоспитализирани пациенти во сите болници, не само во Скопје, туку и ширум државата. Верувам дека ќе остане вака, верувам дека прекршувањата на мерките навистина не беа чести и не беа многу, гледавме по телевизиите, и мислам дека сме во еден период на стабилна епидемиолошка слика – истакна Филипче, додавајќи дека се очекува во наредниот период ваквата ситуација да се задржи.

Министерот Филипче рече дека после 21 јануари во однос на состојбата со бројките на заболени ќе се разгледува продолжување на работното време на угостителските објекти за два часа, до 21 часот. А.Р.