Млад човек, со куферите во раце, на железничка станица, а потоа на авион или брод, заминува на печалба. Со сенка на очите од збрчканите веѓи, не знае ни каде ќе оди, ни каква работа го чека, ни со какви луѓе. Заминува по парче леб. Млад човек со мал куфер/акт чанта во рака, полн со самодоверба, заминува, на аеродром на кој го испраќаат среќни и насмеани роднини и пријатели. Но и натажени. Знае каде ќе оди, веќе преку интернет ги видел и колегите и се знае за нив, и студиото во кое ќе живее и канцеларијата, предавалната, се. Заминува по меѓународна кариера, висок стандард. Тоа е кратката паралела на печалбата некогаш и денес. Вие сте млад Скопјанец кој неодамна се отсели во Сиднеј. Ако за првиот лик од споменатата паралела може да ја употребиме застарената класификација „печалбар“, за Вас би било „граѓанин на светот“ со македонско потекло преселен во Австралија. Има ли голема вистина во оваа споредба?

Има некоја вистина во тоа. Со мали корекции. Јас претпочитам да кажам дека сум Битушанец, наместо Скопјанец. Мијак! Но, и едното и другото место се координати кои се вткаени во мојата животна траекторија, македонска, се разбира. Еден голем писател на минатиот век мудро забележа дека „луѓето може да се преселат, но татковината не“. Законот на асимптотата трајно ја врзува мојата душа за родниот крај и Македонија. Но сепак, венчан сум и за оние кршливи врвици низ кои некогаш газеле и моите претци. Мојот прадедо има оставено вреден печалбарски запис, со алегоричен наслов „Копанка“. Навистина, во ова време на информацискиот нуклеус, „копанката“ како симболика на трагањето по подобар живот, „со мевот по лебот“, е трансформирана во нешто друго. Зазема некои други форми и структури. Јас прифаќам да се наречам „граѓанин на светот“ бидејќи „куќа цел свет братски ми е“. Понирањето низ невралгичните синори и центри на научното сознание е еден од најдобрите начини како да се обидете да ја сфатите многузначноста на овој свет, но и да се вградите во неа. Да, мислам дека пополека моите атоми стануваат дел од тоа соединение на светот, како што се дел и од атомот „македониум“. На прво место.

Веќе неколку месеци сте во Сиднеј, на почеток раскажете ни накусо како Ви е таму?

-Поединецот најдобро се чувствува кога е ослободен од прангите и станува „крал на бескрајни простори“. Тогаш и само тогаш може да полета, да отплови, не плашејќи се од „Сцили и Харидби“, верувајќи и’ на сопствената креативна аура. Мој бескраен простор се портите на науката, а Сиднеј е секако прекрасно пристаниште за човек кој ја користи „копанката“ за прекопување и носење на знаењето во неа. Од аспект на мојата работа, Универзитетот на Нов Јужен Велс во Сиднеј е место каде на најидеален начин се сретнуваат и вкрстуваат младоста и знаењето, каде си пркосат желбата и притаениот страв, конечно, место каде домуваат храбри, непоколебливи витези на мудроста. „Scientia manu et mente”! Мојот универзитет се вбројува меѓу десетте најдобри универзитети за научното подрачје финансии во светот. На ова извонредно место, своја научна афирмација доживеа познатиот математичар Секереш, тука работеше и сеуште доаѓа Адриан Паган, чест гостин бил Харзани, но и многу други се „задоија“ на овие извори. Канцеларијата на Џеф Харкурт се наоѓа спроти мојата. Неколку нобеловци се дел од нашиот колектив. Што се однесува до Сиднеј, не е потребно многу да се зборува. Прашањето ја поттикнува дилемата од каде треба да се тргне, од кој агол и кое е потребното ниво на изострување на перископот за да се долови вистинската слика. Сепак, доволно ќе биде да ги наведам стиховите на Берг за Сиднеј: „овде вреди да се погледне нагоре“. Сиднеј плени со својата раскошна убавина и можности кои се распослани како на „разорана ледина“ и кои надоаѓаат како бранови. Одејќи по серпентините на овие впечатливи простори, неизбежна е средбата со иднината. Онаа убавата која сме ја запознале низ бајките.

Заплеткана и долготрајна, како некогаш, ли е процедурата за вадење документи за преселба во Австралија, искуствено, од Ваша позиција, на човек кој бил поканет да работи и твори на тој меридијан?

Во мојот случај беше понапорен процесот на „биење на битката“ околу грантот на Универзитеот на Нов Јужен Велс. Прилично долга и неизвесна процедура. Но, кога „аберот“ дојде од универзитетските ходници, не беше воопшто тешко да се добие иселеничка виза. По електронското аплицирање, чинам 3-5 дена, ме контактираа од Амбасадата на Комонвелтот Австралија и јас добив „крилја“. Се друго подоцна имаше само орнаментален карактер каде отсуствуваше волатилната фреквенција на нештата.

Очигледно е дека станува збор за две паралелни димензии некогаш и сега, но стигмата дека да се биде „печалбар“ не е некоја среќа, останала и ден денес. Како да се разбие тоа мислење?

Антон Панов напиша дека и „камен на шија полесно се носи од пуста црна печалба“. Не мислам дека е така. Бенвенист, пак, ќе напомене дека „човек се раѓа двапати: еднаш од своите родители и еднаш во својата култура и народ“. Некои други велат дека „татковината им е таму каде што ќе го закачат шеширот“. Јас велам дека се наоѓам таму каде што се родиле и живеат моите мисли. „Во скутот на баба ми, ја запознав мојата татковина“. А тоа е Македонија. Тоа е „земјата која ги научи и ѕвездите да зборуваат македонски“. „Кога не би било ова парче проколната земја, јас знам каде би се живеело, но не знам каде би се умирало“, запиша летописецот на земјата македонска. Оттука, прашање на избор е како ќе ја димензионирате вашата акција во просторот и времето. Јас се будам и заспивам со Македонија, а веќе еднаш во јавноста објаснив зошто и како ја напуштив. Точно е дека „каблограмите“, кои во својата содржина ги апсорбираат нашите чувства, тешко стигаат до нашата родна грутка. Тоа е оној врзоп кој сме го нарамиле силно викајќи „omnia mea mecum porto“. Сликите од Македонија се насекаде околу мене на континентот на кенгурите. Беа со мене и во Луксембург и Белгија. Сурфам на нивните творечки бранови. Едноставно, грабнете го светот, но оставете ги мислите да живеат со Македонија, како семе на вашата среќа и отров против чемерта.

Можеме ли јасно и без комплекси да зборуваме за разликата во стилот на живеење, однесување и размислување  на оние генерации Македонци кои заминале некогаш успеале или не сосема успеале да се вклопат во другите земји, и оние генерации Македонци кои заминуваат денес, со силна наобразба и едукација во себе?

Секако дека постои дискрепанца помеѓу луѓето некогаш и сега во поглед на можностите кои им се отворени и она што тие самите го оствариле. Исто така, мислам дека се уште е предизвик да се симне „пајажината од мутлите и ковчезите“ и отворено да се проговори за некои работи. Јас од моја страна, можам да го кажам следново. Порано, во минатиот век, формулата на успехот ја откриле само мал број Македонци. Денес македонската ѕвезда свети на сите континенти. Само од едно стравувам и поради едно треперам  – да не згасне таа таму каде што е родена.

Квалитетот на едуцираните и паметни млади луѓе кои државата треба да ги пронајде и да ги задржи не е мал. Вие, и пред да заминете во Австралија, работевте и студиравте во Германија, Холандија, Луксембург, Белгија… За професорите и интелектуалците  во странство, многу малку информации допираат до нас, слабо се застапени во медиумите. Има ли голем број интелектуалци, што ги познавате, кои заминале и работат во странство?  Има ли и многу кои допрва сакаат да заминат?

Јас лично познавам голем број Македонци кои работат на универзитетите во странство. Со голем дел од нив сум во редовна комуникација, во рамките на моите и нивните временски ограничувања. Мислам дека државата не најде и сеуште не наоѓа начин како да ги стави овие прекалени научници и луѓе во функција на општата македонска корист и полза. Во прилог на заветот кој ни го остави Мисирков: „обшчиот интерес“. Се плашам дека Македонија бега од сопствената куќа и станува гулаг за интелектуалниот набој кој не е непознат за татковината на словенската писменост. Токму во тоа ги гледам, со жалење, и причините што се зголемува, од ден на ден, бројот на прекрасни и препаметни млади луѓе кои „своите шешири“ ги носат и закачуваат во земји и простори далечни. Сиоран денес, како некогаш порано, би рекол пак: „во земјата каде разумот нема никакво засолниште, лудоста има сигурна куќа“. Се надевам дека времињата идни ќе ги демантираат моите стравови, а потврдат моите желби и стремежи да ја видам мојата Македонија, нашиот заеднички содржател, како место каде што и пепелта во огништата ќе пее од среќа и радост што се родила и згаснала таму.

Како може да ги доживуваме нашите млади интелектуалци во странство- тие се веќе слеани во таа маса и не се разликуваат од другите, или сепак на свој начин претставуваат еден вид амбасадори од сенка,  промотори и достојни културни репрезенти на својата матична земја, Македонија?

За успешно да одговорам на ова, потребно е најпрвин подлабоко да ги осознаам основните творечки амплитуди и излезните пунктови на овие луѓе. Да направам вивисекција на дејанијата низ призмата на дофатливите егзистентни интерпретации и мои лични впечатоци. Нивните колосални траги се втиснуваат во неизбришливиот песок на новото време, создадени од плимата на интелектуалната моќ и творечкиот набој како есецијален амалгам на успехот и нивната објава. Од она што јас го знам, би се осудил да речам дека сепак во нивната експонираност и во нивните енергии постои нешто кое е автентично за нашето поднебје. Нешто кое се препознава и е инхерентно за нас и само за нас. Принцот на метафората, Радован Павловски, непогрешиво прецизно вели дека „и плодот и крстот на својата земја јас го носам – тука се моите страдања“. Така што, сите тие луѓе ги носат плодовите на својата земја, нејзините планини, полиња и рамнини, заврзани во некоја вреќа и јазол од напоредници и меридијани. И најголемиот дел од нив го носат „плаштот“ на нашата родина и достојно го претставуваат нашиот народ, подготвени да му помогнат во секој момент, бидејќи впрочем и самите се негова интегративна компонента. „Оклопот“ кој тие го носат, нема да погрешам ако кажам дека е тврдина за одбрана на македонизмот. Да заклучам, торжествено да, сметам дека се промотори на нашите „нишани“, поединци кои се вградија во редот на оние истакнати дејци коишто ги поместија хоризонтите на науката, пошироко од нејзините постоечки граници. А со тоа ги поместија и границите на Македонија на мапата на научната цивилизаиска реч и дело.

Како младите иселеници  ја истакнуваат љубовта кон родната земја со симболи, заеднички веселби и собири со другите Македонци, дискусија за политика, натпревар за тоа кој е поголем Македонец, или има други начини на кои се искажува она македонското во себе?

Кога доаѓам во Македонија, моето срце уште при самото слетување бие во ритамот на некое македонско оро, кое со својата содржајност од искони ги носи своите неуништливи генетски кодови на нашето битисување. Не би можел да зборувам во името на другите, но јас љубовта кон мојата татковина ја изразувам преку она што го работам, пишувам и објавувам. Некои други, веројатно ја зачувуваат и ја засилуваат љубовта и преку заедничките дружења, собирите и веселбите. Но, најповеќе, чинам, таа љубов се искажува и зачувува преку поезијата, зошто еден германски филозоф мудро забележа дека „границите на мојот јазик ги означуваат границите на мојот свет“. Поезијата е еквиваленција на еден јазик и таа ги рефлектира неговите волшепства. Поезијата најмногу придонесува за бесмртноста на една нација, бидејќи преку неа капацитетите на нацијата доживуваат експанзија, повторно се раѓаат и оплеменуваат. А тоа е потребниот еликсир за луѓето во туѓина. Тоа е неодгатливата и никогаш докрај откриена мрежа на сложените психолошки состојби и слоеви коишто го обликуваат релјефот и кањонот по кој сме кинисале и на кој верно талкаме, без страв дека ќе не’ прегазат „царските мрави“ .

Всушност, што значи да се биде припадник на австралиското општество денес? Останувате засекогаш таму или имате поинаква визија за својата иднина?

Австралиското општество, според човековиот развој, е едно од највисокорангираните во светот. Тоа самото по себе говори за сето она кое ме опкружува и кое го подига и директно влијае и на мојот личен квалитет на живот. Засега, како што напиша еден поет, „секоја утрина се будам млад како сонцето, што далгите на сонот ги позлатува“. Претпочитам да читам за минатото, да ја живеам сегашноста, а иднината да ја препуштам на оние мигови, кога осамен или во нечија прегратка, лутам низ лавиринтите на сонот. Така што, посветен сум на мојата работа, да го изградам коработ од тврдиот материјал на современото време кое го живеам, а на Еол е да одреди каде ќе крстарам со него.

Се чувствувате ли посупериорен кога плаќате со австралиски долари, наместо со денари?

Најсупериорно се чувствувам кога воопшто не треба да платам ништо. А валутата нема некое посебно значење за мене. Повеќе инклинирам и се согласувам со Питагора дека бројот е се.

Настрана финансискиот аспект, што нуди Австралија повеќе од Македонија?

На прво место, тоа е можноста за професионална афирмација во академската фела. Тука имате можност да комуницирате на дневна основа со луѓе кои ги „грицкаат“ соковите на вистинските научни насади и кои се прави мајстори на занаетот. Зошто да се бавиш со наука не е многу поразлично од правењето на џебен часовник. Бара филигранска прецизност, префинетост и стил. Македонија, за жал, е „државата чии граѓани се заложници на нејзината влада, каде молчењето е најразвиен облик на јавно мислење, а обожувањето најраспространет вид на јавно дејствување и држава во која сте принудени на другите да им копате јами, за самите во нив да не упаднете“. Со жалење можам да констатирам дека во Македонија нема ниту најситна честичка од нешто што се нарекува економска наука. За науката за менаџментот не ни сакам да коментирам. Тоа нешто е целосно непознато таму. Понатаму, одличната организираност на општеството, здравствената заштита, личната безбедност ви даваат чувство на сигурност додека одважно ги одмерувате чекорите низ авениите. Конечно, пријателскиот однос на колегите е конечна потврда за отвореноста и пријатноста да се биде овде.

Постои ли онаа носталгија по родната земја, за која некогаш многу се зборуваше, или сега во ерата на Интернетот „тоа е надмината работа“? Мерлива ли е онаа носталгија, и оваа денес?

Точно е дека технологијата во голема мера го намали (но не го избриша) растојанието и сега е веројатно помалку изразена тешкотијата и оттуѓеноста. Но, сепак, „ветрот сеуште ја бара својата изгубена татковина“.  Водите на картата на светот пресушуваат под налетот на технологијата, но почвата останува неначната. Носталгијата е сеуште иманетно врзана за исселениците и ќе остане да тлее, некогаш во една, денес во друга, преобликувана форма. Присутна е.

Дискусиите за политика никого не одминуваат, а станаа заедничка реалност на Македонците дома и во дијаспората, преку интернет. Но сепак не е ист амбиентот во кој живеат тие таму, и ние овде во Македонија, има преголема разлика. За во Македонија веќе имаме јасна претстава како е со народот, а да се осврнеме како е во дијаспората, таму македонскиот народ е разединет или соединет?

Со жалење можам да кажам дека оддалеченоста најмногу придонесува за зближување на Македонците. Конечно, веројатно сите ќе се согласиме дека односите помеѓу Македонците во странство се далеку подобри од односите помеѓу соседите во Македонија. Дури и во овој „мравјалник“ од луѓе.

Што најчесто ве растажува од она што го читате за состојбите во Македонјија?

Тоа што „целата татковина се претвори во трошалиште за трошаџии, со економија која паѓа, даноци кои растат, беда која се лечи со заложништво и ќотек, просвета чие светло постојано е во опасност да биде згаснато од мракот“ – како што пишува Цесарец. Дис пак би рекол: „својата мудрост ја раздадовме на избори, од џандари создадовме великани, достоинствата си ги поделија идиоти, арамиите ни раѓаат богати мегаломани, мрачни души се нарекуваат себеси патриоти“. На ова не би знаел што да одземам, а сепак да ја опишам нашата ситуација денес. Далеку е сонцето!

Велигден во Скопје или Велигден во Сиднеј!

Работно за Велигден во Сиднеј, впуштен во индивидуалната и лична потрага по дијамантниот творечки клуч на мојот мал научен универзум. Јас одамна и објавив долгогодишна војна на белата хартија, а перото и мастилото се мој меч и сојузник. Моја брана!