Да почнеме на „Ти“. Филип, веќе си угледен предавач и професор во Луксембург. Што влијаеше пресудно на твоето оформување?

-Плутарх смета дека е убаво кога имате блескави претци, но дека честа им припаѓа ним.  Генеологијата е магична работа. Кога потекнувате од едно племе за кое се зборува дека на светот му ги подарило Ѓорѓија Кастриот, Андреја Дамјанов, Дичо Зограф, Макарије Фрчкоски, Петре Филиповски – Гарката, Личеноски, семејството Папрадишки, Пулески, Чуповски, Груев, Партенија Зографски, Ѓурчин Кокале, Анте Поповски, Паскал Сотировски, Кочо Фиданоски и ред други, тогаш сте обврзани да ги почитувате своите претци кои светлото Македонско име го впишаа на картата на светската цивилизација. Мора однесувањето да биде сообразено на нивните „шумски“ патеки. Французите би рекле, noblesse oblige. Јас сум пораснат во конзервативно македонско семејство. Пораснат сум на мијачкиот говор, на мијачките адети и традиции, на мијачкото огниште. Во мене се обединети безмалку сите китни мијачки села. Мојата лоза е комплетно мијачка (чистокрвен), па оттука и не треба да изненадуваат моите демони, енергии, нескротливи емоции и пориви кон пишаниот збор и уметноста. Окружувањето го гради човекот. Јас ја имав таа среќа да ги црпам знаењата од монументалните книжевни дела кои сеуште ги красат полиците на мојата семејна библиотека. Веројатно тоа било мојот spiritus movens.

Како започна да се  занимаваш со академски истражувања во економската наука?

-Секогаш со неописиво задоволство се навраќам на почетоците на мојот академски пат. Иако не е воопшто лесно егзактно да се евоцира и реминисцира низ времето. Кога почнувате да ги сецирате научните напоредници и меридијани и самите не сте свесни колку тоа добро или лошо го правите. Единствен судија и тест на таквите акции е самото време. Чинам на штиците што живот значат таа парадоксална сцена ја нарекуваа трагична иронија. Момент кога сите се свесни за целокупниот развој на настаните, освен носителот на главната ролја. Така и јас, кога ја започнував мојата академска кариера не ни помислував дека денес моите истражувачки напори ќе бидат фокусирани во домените на експерименталната економија и финансии. Уште повеќе, право да размислувам во тој правец ми даваше фактот дека моите „академски првенчиња“ ги обработуваа аспектите и хоризонтите на корпоративното управување во Источна Европа, со посебен осврт на 22554275_10155798244639264_1179249629_nМакедонија. За љубов кон вистината, морам да признаам дека во тие иницијални моменти моите пориви и желби за академско етаблирање беа охрабрувани од моите поранешни даскали. Исклучителна поддршка во критичните моменти на „ковење на подгреаното железо“ добив од академик Таки Фити, на кој сум му и денес неизмерно благодарен. Несомнено прекрасна личност. Елем, моето прво истражување се однесува на корпоративното управување и резултатите на банките во Македонија. Така почнав, па си реков, „нека влезе свинче в џамија“. Со колегата Кирил Симеоновски тогаш ги удривме темелите на познатиот двоец кој и до денешни дни успешно егзистира, и покрај сите Сцили и Харидби. Трновит беше патот до ѕвездите, или барем до нивната светлина. Има амплитуди, но збирно, горд сум на моите достигнувања и на она што другите ми го признаваат. Му благодарам на Господ и на моето семејство за сите мигови.

Што вклучува твоето сегашно поле на истражување и интерес?

-Нема да погрешам ако кажам дека мојот академски перископ покрива и открива огромен вариетет и пространство на економски теми. Ако би морал да одговорам попрецизно, тогаш би рекол дека потесни подрачја на мој интерес претставуваат експерименталните и корпоративните финансии, теоријата на договорите, еволуциската економија, одлучувањето во услови на неизвесност, теоријата на игри и применетата микроекономија во најопшт вид.

На кои проекти работиш во моментов?

-Ова е најтешкото прашање без никаков сомнеж. Не е лесно да се наброи. Економската наука е чудесна токму поради фактот што може да се спореди со непресушна фонтана на идеи. Само што си завршил со една, се појавила нова идеја и тема. Специфично, во моментов подготвувам неколку трудови од областа на банкарството со колегите Морад Чхоудри, Миливоје Давидовиќ, Габриел Каисер и Аарон Кимк, корпоративните престројувања со Тибор Нојгебауер, микроекономски аспекти на однесувањето со Амар Шарма, Игор Дубина и Даниела Мамучевска, иновациите со Марина Ранга, Магдалена Жиоло и Лео-Пол Дана, структурните економски движења со Бас ван Аарле и Бијан Танг и корпоративното управување и институциите со Бруно Серхи, Фабрицио Роси и Дарко Лазаров. Сепак, веројатно најзначаен е проектот кој штотуку го поднесовме со прославениот економист Глен Харисон и Андреас Ортман, а се однесува на откривањето на преференциите кон ризикот. Понатаму, штотуку заврши меѓународната конференција која ја организирав на Универзитетот во Шчеќин како Претседател на меѓународниот научен одбор. Во слична улога, ја подготвувам следната онлајн конференција на Светската Економска Асоцијација, заедно со Џим Свофорд, во чест на Вилијам Барнет, како и уште една меѓународна конференција посветена на институциите и економскиот раст во призракот на кризата на Универзитетот во Коимбра. Ме очекуваат и неколку истражувачки семинари во Италија и Германија, како и конференции во други земји. Пред неколку месеци успешно ги реализирав семинарите и форумите во Португалија, Германија и Франција, а подготвив и труд за конференцијата на Bank of England посветена на мојот пријател Вилијам Барнет. Како уредник подготвувам изданија за две меѓународни списанија индексирани во релевантни научни бази. Парарелно подготвувам две книги, едната посветена на јавната политика (со Маја Мицевска Шарф, Лео-Пол Дана и Магдалена Жиоло) и другата посветена на финансиската стабилност (со Бруно Серхи, Магдалена Жиоло и Владимир Наумовски). Во завршна фаза се. Со колегите Владимир Филиповски и Марина Ранга успешно го завршивме UBC проектот за Македонија и треба во декември да ги дисеминираме резултатите во Брисел, а со Џејсон Шау, Гоце Андревски, Игор Саздовски, Кирил Симеоновски и Емилија Пашоска го работиме IMPACT проектот. Истовремено, заедно со Ѓорѓија Петкоски од Универзитетот во Пенсилванија организираме серија на виртуелни работилници поврзани со единствената и оригинална иницијатива на Вортон и Светска Банка, I4A. Во 2018 година планирам да привршам некои од моите истражувања на неколку универзитети. заедно со мојот колега Бруно Серхи со кој исто така работиме на формирање на неколку истражувачки групи и ќелии со цел иницирање и реализирање на научни истражувања кои понатаму би требало да резултираат со сознанија и наоди со фундаментална содржина и вредност. Се надевам дека ќе помогнат во модифицирањето на постојните структури на знаењето.
(Продолжува)