четврток, април 25, 2024
домаФилип Шурбевски и Егзија Трио вечер на Скопско лето 2021

Филип Шурбевски и Егзија Трио вечер на Скопско лето 2021

Вечерва, 06 јули (вторник) ќе се одржи концерт на Филип Шурбевски и Егзија Трио со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности, во објектот Сули ан. Изведувачи на концертот се Филип Шурбевски – тарабука, Ристе Апостолов – виолина, Митко Наумовски – џумбуш и Мајкал Карадаковски – кларинет.

ФИЛИП ШУРБЕВЕСКИ ЕГЗИЈА ТРИО е вокално-инструментален состав кој ја негува македонската традиционална чалгиска музика, а формиран е во 2011 година. Ова е специфичен состав, не само поради инструментите кои се застапени, туку и поради музичкиот стил кој е различен од другите, а препознатлив сам по себе. Иако овој стил на изразување е во изумирање, овој музички состав има цел да ја врати македонската чалгија што во извесен период беше заборавена, а е карактеристичен и препознатлив белег на македонската музика низ вековите, којашто живеела на овие простори. Во репертоарот има застапено македонски песни и ора во звукот на македонската чалгија. Од инструменти застапени севиолина, кларинет, џумбуш, ут, тарабука, деф и дајре, карактеристични чалгиски инструменти. Виолината е инструмент кој е исклучително присутен во нашата земја. Тарабуката е инструмент кој во себе ја содржи ритмичката делница во чалгиски состав, без која ритамот би бил сосема поинаков. Се свири со прсти, а мајсторијата на овој инструмент е во што поизразено ситнење на ритмичките обрасци. Утот и џумбушот се жичани музички инструменти кои датираат од 16. век и се користат во чалгиската музика од самиот почеток. На нив се свири ниската лага на мелодијата и тие даваат убав фундаментален звук. Овој состав има настапувано на разни свечености, приеми, емисии, општински случувања, во повеќе локали во Старата скопска чаршија и на многу други места. Да се напомене дека членовите на овој состав се професионални музичари со големо сценско искуство и со голем број на настапи во земјата и надвор од неа, секој во својата област.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, а влезот ќе биде регулиран со билети по цена од 200 денари кои ќе можат да се купат „online“ на www.karti.com.mk и пред почетокот на настанот на влезот на објектот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ