Утре и задутре (25 и 26 мај) Интернационалниот фестивал на кратки филмови ФИЛМАЈ организира ревија филмови како своевидно загревање пред одржување на 4. издание на фестивалот, закажано за 2 јуни во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. За овој настан организаторите, Фото-кино клуб „Козјак“, одбраа 15 филмови од сите три изминати години, 2019, 2020 и 2021, како потсетување, но и како најава дека фестивалот продолжува со полна пареа и со филмови повторно селектирани од целиот свет, од Венецуела до Австралија, од регионот до Блискиот Исток…

Награда на Лидија Мојсовска

Меѓу филмовите, кои посетителите ќе можат да ги видат во алтернативниот Валхала бар со почеток во 20 часот, се и: македонскиот филм „Награда“ на Лидија Мојсовска, кој ја доби наградата „Козјак“ за најдобро сценарио во 2019, односно првата година кога стартуваше фестивалот, потоа уште еден домашен, „Налепница“ на Георги Унковски, кој за првпат ја освои новововедената награда во 2020 за најдобар македонски филм, а тука се и уште два филма наградени во 2020, и тоа: „Скин“ за најдобро сценарио и „FETCH“, награден со „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија, како и филмот „Da Yie“ од Гана, кој во 2021 ја доби наградата „Радислав Ристевски“ за најдобра фотографија.

Налепница на Георги Унковски

Првиот ден, односно на 25 мај, покрај „FETCH“ и „Налепница“, ќе бидат прикажани и: „The Silence of the River“, „When I dance, the Earth trembles“, „Night Stalkers“, „Libre“ и македонскиот „Црни и криви“ на Марко Џамбазовски. Додека, во четврток, на 26 мај, покрај филмот од Гана „Da Yie“, „Скин“ и „Награда“, ќе можат да се видат и: „NIMIC“, „Swipe“, „Bonobo“, потоа „Двајца со јајца“ и „Заб“ на Ајдин Ислами.
Како што веќе се знае кумановскиот фестивал ФИЛМАЈ од годинава повторно се враќа во месеците мај и јуни, тој е посветен на играните и документарни филмови до 20 минути, но со посебен акцент на домашниот филм, бидејќи како што велат, тоа им е и целта – овој фестивал да стане прва станица пред меѓународното патешествие на домашните филмаџии. ФИЛМАЈ доделува награди во категорииите, за режија, за сценарио и фотографија, и за најдобар домашен филм, а годинешните награди веќе ги објавивме и само да потсетиме дека за најдобар македонски филм за 2022 е прогласен „Обичната Ели“ на Лавинија Софрониевска. Значи, 4. издание е на 2 јуни, а дотогаш посетителите можат да уживаат во оваа интересна ревија која на најдобар можен начин ќе нè потсети зошто фестивалите, всушност, и постојат. (С.У.)