четврток, април 25, 2024
домаФилмовите на Кирил Ценевски ставени на ДВД

Филмовите на Кирил Ценевски ставени на ДВД

На 21.март (четврток) во 12 часот во просториите на Кинотека на Северна Македонија, ќе се одржи промоцијата на ДВД изданието на играните филмови на Кирил Ценевски. „Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“ се четирите дигитално реставрирани долгометражни играни филмови во оваа уникатна колекција.

На промоцијата со свое учество ќе не почестат прославениот српски глумец со македонско потекло Лазар Ристовски, како и македонската актерка од Хрватска Костадинка Велковска.

Кирил Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, Црно семе, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали.

Четирите играни филмови на Ценевски се посебни по тоа што секој од нив припаѓа на посебен жанр, со широк дијапазон на теми: логорска драма (Црно семе), историски и библиски мотиви (Јад), современ социјален ангажман (Оловна бригада), воена психолошка драма (Јазол). Понатаму, сите четири играни филмови имаат сложена продукциска задача, бидејќи нивното дејствие изискува креативна реконструкција на поблиската (Црно семе, Јазол) и подалечната историја (Јад), или, пак, дејствието се одвива на необично место (рудникот во Оловна бригада), прилично тешко за реализација според стандардните рамки.

Без разлика на неговата успешност како режисер, гледана преку домашни и интернационални признанија и награди, Кирил Ценевски е забележлив по неговата техничка подготвеност и способност на вистински места да вклучи вистински луѓе. Заради тоа сите негови филмови имаат свој карактеристичен „технички“ момент кој прави да се издвојуваат од останатите. Црно семе по прецизната сценографија, речиси целосно изградена на островот Паг во Јадранското Mоре, Јад по автентичната костимографија и шминка, во духот на времето во кое се случува, Оловна бригада со можеби најоригиналната работа со камера на овие простори, со прецизно управуван стедикем и исклучително минималистичко осветлување, и последниот негов филм Јазол со одлично снимените акциони сцени, кои даваат извесен крими призвук на една историска тема.

Токму заради оваа техничка супериорност, од исклучителна важност е заземањето правилна насока во процесот на дигитална реставрација на овој опус, толку разновиден и технички захтевен. После внимателно разгледување на изворните материјали одлучивме како основа за дигитализација да се земат најстарите примероци од сите филмови, односно оригинален негатив слика и негатив тон (освен кај филмот Јад каде тонот е земен од позитив тонска копија). И покрај тоа што во архивот на кинотеката имаше повеќе сочувани интер негативи, заради сочувување на оригиналната замисла и добивање што повеќе информации од сликата (боја, контраст) оригиналниот негатив беше идеалниот избор. Покрај внимателното разгледување на филмските материјали, направен е и преглед низ придружните материјали од овие филмови (фотографии, натписи, книги на снимање, сценарија) сè со цел обезбедување информации за постоењето на различни верзии, за начинот на снимање и сл.

По подготовките и техничката проверка во Кинотека на Македонија, материјалите се испратени во лабораторијата за дигитална реставрација Клик филм во Загреб. Таму процесот се одвиваше според однапред одредена динамика и филмовите се работеа според тежината на потребните зафати за реставрација, односно според детеоријацијата на материјалот. Најпрво се изврши физичка инспекција на негативот, премотување и санирање на евентуални физички оштетувања. Потоа следуваше скенирањето, извршено на ARRI SCAN скенер во 3К резолуција (2764х1737 пиксели). Материјалот се скенира во DPX формат после што започна процесот на автоматско чистење (прашина, дамки и сл). После овој процес материјалот подлегна на мануелна реставрација, односно рачно поправање на недостатоци, сликичка по сликичка, со цел корекција на позначајните оштетувања, гребаници, оштетувања на емулзија и сл. Откако заврши оваа фаза се пристапи кон стабилизација на сликата (Deflicker) и DPX секвенците се префрлија на колор корекција. Во овој сегмент се врши нивелирање на гамата, осветлувањето, односот на боите и слично, со цел што поблиско доближување до оригиналната замисла на режисерот, односно до првата филмска копија одобрена од режисерот. Како референтни материјали за ова се користени телекинирани верзии од филмските копии, како и внимателно истражување на материјалите од филмот (фотографии од снимање, книга на снимање и сл.), со цел доближување до духот на времето и идејата на режисерот. Оваа фаза бараше наше активно учество, главно заради отстранување на субјективноста од процесот и корекција според научно-историска призма. Тонот исто така подлежи на процес на телекинирање и студиска обработка во тонско студио, со цел отстранување на шумови и оштетувања.

По овие процеси се пристапи кон мастеринг, односно спојување на сите реставрирани елементи и создавање на материјалите за архивирање, емитување и проекција. На крај материјалите се вратени во архивот на Кинотека на Македонија, заедно со LTO6 ленти со дигитализираните материјали во DPX секвенци, како и дигитални копии за проекција и емитување (DCP, ProRes 444, H264 и сл.). Од овие материјали е изработено и ова ДВД издание, за сите ние да посведочиме за филмскиот гениј на Кирил Ценевски, како и тежнеењето на Кинотеката на Македонија за заштита и промоција на македонското филмско наследство.

Ценевски не застанал зад камерата повеќе од три децении. Неговиот (пре)долг авторски молк можеби е уште една причина за навраќање на овој, по многу нешта исклучителен, филмски опус.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ