Филмската програма на Кинотеката продолжува и во втората половина на октомври во кинотечната сала. На програмата конечно ќе се најде и новиот наслов од независната македонска филмска продукција, ТМ на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов. ТМ е нивен втор игран филм, но интересно е што ТМ е снимен пред одличниот КОПАЊЕ од 2018. ТМ го комбинира документаристичкиот пристап со научнофантастичниот жанр, а не му недостасува и политичкиот ангажман.

На програмата се уште неколку наслови со експлозивна социјална тематика од различни периоди. КЛЕТНИЦИ на Лаџ Ли, МАРТИН ИДН на Пјетро Марчело, ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД на Армандо Јанучи… Меѓу останатите ќе можете да ги проследите и КРАЈНО ИЗОПАЧЕН, ШОКАНТНО БЕЗМИЛОСЕН И ЗОЛ на Џо Берлингер, новата верзија на омилениот лик од детската литература ПИНОКИО на Матео Гароне…

Продолжуваме со програмата во киносалата на Кинотеката според здравствените протоколи.

17 ОКТОМВРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

24 ОКТОМВРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

ВИСТИНАТА

(La verité / The Truth)

Игран филм, Франција/Јапонија/Швајцарија

2019, 119 мин., клор, ДЦП

Режија: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Сценарио: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Улоги: Катрин Денев, Жилиет Бинош, Итн Хоук, Лудивин Сање (Catherine Deneuve, Juliette Binoche, Ethan Hawke, Ludivine Sagnier)

Фабиен е остарена француска филмска ѕвезда која покрај повременото губење на помнењето, се труди да остане достојна и почитувана. По објавувањето на нејзинитемемоари, нејзината ќерка Лумир досѓа од Њујорк во Париз за да го прослават тој настан.

На средбата по многу години се случува интелигентна и духовита борба на мислења меѓу мајката и ќерката. Лумир ја доведува во прашање прошлоста на нејзината мајка, во биографијата опишана во розеви тонови. Напнатоста во нивниот однос – потцртана со најновата улога на Фабиен во нов научно-фантастичен фим – постепено попушта. Дали ќе се помират?

ВИСТИНАТА беше учесник на фестивалот во Венеција 2019 година. Камерата е на францускиот кинематографер Ерик Готје, лауреат на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2018 година за филмот ПЕПЕЛТА Е НАЈЧИСТО БЕЛО.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

17 ОКТОМВРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

МАРТИН ИДН

(Martin Eden)

Игран филм, Италија/Германија/Франција

2020, 129 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Пјетро Марчело (Pietro Marcello)

Сценарио: Маурицио Браучи, Пјетро Марчело (Maurizio Braucci, Pietro Marcello)

Улоги: Лука Маринели, Џесика Креси, Винченцо Немолато, Марко Леонарди, Денис Сардишо, Кармен Помела, Карло Чеки (Luca Marinelli, Jessica Cressy, Vincenzo Nemolato, Marco Leonardi, Denise Sardisco, Carmen Pommella, Carlo Cecchi)

Адаптацијата на најпознатиот роман на Џек Лондон (делумно и автобиографски)е слоевита епска драма. Младиот сиромашен морнар Мартин Идн(Лука Маринели) се вљубува во богатата Елена (Џесика Креси), и во име на љубовта одлучува да се самообразува како би ја надминал класната разлика меѓу нив.

Но, по успехот што го постигнува со неговите романи, расте и цинизмот на Мартин кон светот, чие лицемерие му се згадува. Започнува даверува во радикалниот индивидуализам, а социјализмот и работничките движења му стануваат одбивни.

За разлика од романот, дејствието на филмот е поместено во Наполи во 70те години од минатиот век. Обединувајќи ја романтиката, политиката и трилерот, режијата на Марчело синтетизира стилови на разни епохи. Актерот Лука Маринели за улогата на Мартин Идн ја доби главната награда на фестивалот во Венеција 2019 година. Филмот доби награда и на фестивалот во Торонто (Канада).

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

19 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

КЛЕТНИЦИ

(Les Miserables)

Игран филм, Франција

2019, 104 мин., колор, ДЦП

Режија: Лаџ Ли (Ladj Ly)

Сценарио: Лаџ Ли, Џордано Гедерлини, Алексис Маненти (Ladj Ly, Giordano Gederlini, Alexis Manenti)

Улоги: Дамиен Бонар, Алексис Маненти, Џебрил Цонга, Иса Перика, Ал-Хасан Ли (Damien Bonnard, Alexis Manenti, Djebril Zonga, Issa Perica, Al-Hassan Ly)

Инспекторот Стефан станува нов член на единицата за борба против криминалот во Монфермеј, на периферијата на Париз, каде што Виктор Иго пред два века го сместил дејството на неговиотроман „Клетници“. Заедно со неговите колеги Крис и Гвада, искусни теренски полицајци,се обидуваат да внесат ред во квартот каде што владее голема тензија меѓу членовите на локалните банди. Иницијална каписла е сосем банална: кражба на мало кученце…

Кога полициската  тројка ќе се најде во незавидна ситуација за време на едно апсење, тинејџер со дрон ја снима случката и се заканува дека сè ќе изнесе на социјалните мрежи. Стефан не го дели „ентузијазмот“ на колегите во примената на сила врз членовите на тинејџерските банди.

Филмот на Лаџ Ли е инспириран од париските протести во 2005 година, едни од најнасилни во новиот век. Лаџ Ли ја доби наградата за режија на Канскиот фестивал 2019, КЛЕТНИЦИ освои 3 национални награди „Цезар“ во Франција и беше номиниран за „Оскар“ за најдобар странски филм 2020, а филмот беше и дел од конкуренцијата на минатогодишниот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола…

Возрасна категорија: 15 години

Влезница: 100 денари

20 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

КРАЈНО ИЗОПАЧЕН, ШОКАНТНО БЕЗМИЛОСЕН И ЗОЛ

(Extremely Wicked, Shockingly Evil, and Vile)

Игран филм, САД

2019, 110 мин., колор, ДЦП

Режија: Џо Берлингер (Joe Berlinger)

Сценарио: Мајкл Верви, Елизабет Кендал (Michael Werwie, Elizabeth Kendall)

Улоги: Зак Ефрон, Лили Ефрон, Каја Скоделарио, Џефри Донован (Zac Efron, Lily Collins, Kaya Scodelario, Jeffrey Donovan)

Тед Банди на прв поглед е привлечен, паметен и харизматичен маж. Лиз е самохрана мајка, претпазлива, и вљубена во Тед, сѐ додека не го приведат и обвинат за серија грозоморни убиства. Всушност, Тед Банди е еден од најбруталните сериски убијци во САД во 70те години на минатиот век, кој признал 30 убиства, а според „ракописот“ се смета дека е одговорен за смртта на над 100 жртви.

Филмот на Берлингер е поглед во умот на вистински социопат кој убива без каење. Негативецот Тед Банди се смета дури и за прототип на сериски убиец кој ги редефинирал најмрачните ставувања за човековата суровост. Критиката ја истакнува убедливоста на актерот  Зак Ефрон во улогата на овој сериски убиец.

Режисерот Берлингер минатата година сними и документарна серија во четири продолженија, базирана на интервјуата во траење од 100 часа кои новинарот Стивен Мишод ги водел 1980 година со Банди во затворот, откако е осуден на смртна казна.

КРАЈНО ИЗОПАЧЕН, ШОКАНТНО БЕЗМИЛОСЕН И ЗОЛ беше селектиран на „Санденс“ и победи на неколку фестивали во САД профилирани за крими жанрот.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

ФРАНЦУСКИ КИНО КЛУБ

21 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

ПАМЕТЕН ИЗМАМНИК

(Un beau voyou / A Clever Crook) 

Игран филм, Франција

2017, 104 мин. Килор, ДЦП

Режија: Лукас Бернар (Lucas Bernard)

Сценарио:  Лукас Бернар (Lucas Bernard)

Улоги: Шарл Берлинг, Сван Арло (Charles Berling, Swann Arlaud)

Комесарот Бефроа со мешани чувства го чека пензионирањето. Но, една дрскакражба на слики ќе го привлече неговото внимание. Бефроа започнува потрага по нетипичен крадец, вистински акробат во потфатот и „уметник на занаетот“. Потрагата наликува на игра на мачка и глушец низ улиците, внатре во становите и преку покривите на Париз.

Ова деби на сценаристот и режисер Лукас Бернар, со кариера на кинематографер, е пријатно враќање кон кинематографијата на 1960-тите и 70-тите години на минатиот век, како и многу типично француско „почитување“ на уметноста на кражбата…Филмската критика го прогласи ПАМЕТЕН ИЗМАМНИКза одлична комедија.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

22 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 Ч.

24 ОКТОМВРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

ТМ

(ТМ)

Игран филм, С. Македонија

2020, 60 мин., колор, ДЦП

Режија: Ивица Димитријевиќ, Мартин Иванов (Ivica Dimitrijevic, Martin Ivanov)

Сценарио: Ивица Димитријевиќ, Мартин Иванов (Ivica Dimitrijevic, Martin Ivanov)

Улоги: Ивица Димитријевиќ, Наталија Теодосиева, Димитрија Доксевски, Гораст Цветковски, Александар Ѓорѓиески, Драгана Костадиновска (Ivica Dimitrijevic, Natalija Teodosieva, Dimitrija Doksevski, Gorast Cvetkovski, Aleksandar Gjorgjieski, Dragana Kostadinovska)

ТМ (од time machine – временска машина)е филм за осаменоста, вербата во невозможното, критика на општеството и политиката како главен кривец за исчезнување на поединецот, за исчезнување на една личност, која е цел еден свет.

ТМ го комбинира документаристичкиот пристап во контраст со жанрот научна фантастика, јасно предочувајќи ја неможноста да се промени споменатото милје во постојниве околности. Главниот лик Филип, кој го игра Ивица Димитријевиќ, е од ретките на кои „не им е проблем да живеат овде зашто имаат доволно пари“. Како програмер е на врвот според просечните примања по професија во државава. Но, во ТМ, токму тој не може да се вдоми тука и сега. Како интелигентен човек – така е претставен и во извесните искази во полиција што за него ги даваат неговите блиски – Филип секако ги разгледал можните опции за промена.

ТМ е втор долгометражен филм од продукцијата на „МИ Филм“ што го потпишуваат Димитријевиќ и Иванов, по одличниот КОПАЊЕ (2018).

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

22 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

29 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 Ч.

ПИНОКИО

(Pinocchio)

Игран филм, Италија / Франција / Велика Британија

2019, 125 мин., колор, ДЦП

Режија: Матео Гароне (Matteo Garrone)

Сценарио: Матео Гароне, Масимо Чекерини, Карло Колоди  (Matteo Garrone, Massimo Ceccherini, Carlo Collodi)

Улоги: Роберто Бенињи, Федерико Јелапи, Роко Папалео, Масимо Чекерини, Марин Вакт (Roberto Benigni, Federico Ielapi, Rocco Papaleo, Massimo Ceccherini, Marine Vacth)

Во оваа нова замисла на легендарната класика на детската литература обожавана низ светот, Матео Гароне се навраќа на изворната приказна за Пинокио на Карло Колоди (Carlo Collodi), со оригинален наслов „Авантурите на Пинокио“, издадена кон крајот на 19 век. Сиромашниот и осамен столар Џепето прави дрвена кукла, која на негова радост ќе оживее и ќе му го разубави животот. Но, иако носот на Пинокио му расте кога ќе излаже, тоје палав и постојано запаѓа во неволји…

Играниот филм на Гароне (кој во 2018 го реализираше одличниот КУЧКАР/Dogman) создава еден богат волшебен свет на мистерии и чуда, исполнет со светли, забавни и трогателни моменти. Со секогаш одличниот Роберто Бенињи во главната улога, ПИНОКИО беше доминантен наслов на доделувањата на годинешнитенагради „Давид ди Донатело“, на доделувањето на наградите на италијанскиот „Златен глобус“,“, како и на националното здружение на филмски новинари и критичари на Италија.

Возрасна категорија: сите возрасти

Влезница: 100 денари

26 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

31 ОКТОМВРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

ЗАТИШЈЕ ПРЕД БУРА

(Serenity)

Игран филм, В. Британија / САД

2019, 96 мин., клор, ДЦП

Режија: Стивен Најт (Steven Knight)

Сценарио: Стивен Најт (Steven Knight)

Улоги: Метју Меконоги, Ен Хатавеј, Дајан Лејн (Matthew McConaughey, Anne Hathaway, Diane Lane)

Бејкер Дил е капетан на рибарски брод и води тури низ мирната тропска енклава, островот Плимут. Меѓутоа, спокојниот живот му се нарушува кога се појавува неговата поранешна сопруга Карен, очајна за помош. Таа го моли Дил да ги спаси неа и нивниот млад син од нејзиниот нов, насилен сопруг, така што ќе го одведе на рибарска тура среде море и ќе го фрли на ајкулите. Појавата на Карен го враќа Дил во еден живот, кој се трудел да го заборави, и додека се мачи помеѓу исправното и погрешното, светот му запаѓа во една нова реалност, која можеби не е таква каква што се чини.

Возрасна категорија: 15 години

Влезница: 100 денари

27 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 19:00 Ч.

ПРОМОЦИЈА НА ДВД ИЗДАНИЕ СО ПЕТ МАКЕДОНСКИ ИГРАНИ ФИЛМОВИ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА АУДИОВИЗУЕЛНОТО НАСЛЕДСТВО

МАКЕДОНСКИ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ

(Macedonian Part of Hell)

Игран филм, Македонија

1971, 102 мин., колор, ДЦП

Режија: Ватрослав Мимица

Сценарио: Ватрослав Мимица, Славко Јаневски

Улоги: Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Павле Вуисиќ, Фабијан Шоваговиќ, Илија Милчин, Петре Прличко, Милена Дравиќ, Нада Гешовска, Коле Ангеловски

 

Филмот е снимен според вистинит настан. При крајот на 1942 и во почетокот на 1943 година, за да го спречат ширењето на Револуцијата во Битолско, бугарските фашистички окупатори ги засилија прогоните и насилствата над цивилното население.

По предавството на селанецот Диме Пафтар дека во селото Лавци се наоѓаат партизани, меѓу кои е забележан и легендарниот учител Тодор Ангелов, по кого е распишана и потерница, бугарскиот полициски началник и мајорот на бугарската војска во Битола организираат заедничка акција за напад на селото. Под закрилата на ноќта партизаните, заедно со селаните, се подготвуваат за напуштање на селото. Меѓутоа, започнува нападот на опколеното село. По голема борба партизаните успеваат да го пробијат обрачот, но селаните и Даскалот остануваат во селото. Даскалот се крие во куќата на Јосиф, во скривницата на таванот.

Бугарската војска и полиција влегуваат во селото. За да го фатат Даскалот, мајорот и полицискиот началник одбираат 25 селани и им се закануваат дека ќе ги стрелаат. Времето одминува и селанките исплашени за животите на своите мажи масовно излегуваат сред село. Никој не го предава Даскалот…

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

29 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД

(Personal History of David Copperfield)

Игран филм, Велика Британија / САД

2019, 120 мин., колор, ДЦП

Режија: Армандо Јанучи (Armando Iannucci)

Сценарио: Сајмон Блеквел (Simon Blackwell)

Улоги: Дев Пател, Хју Лори, Тилда Свинтон (Dev Patel, Hugh Laurie, Tilda Swinton)

ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД на шкотскиот режисер Армандо Јанучи.Филмот преставува адаптација на еден од најомилените ликови на Чарлс Дикенс.Дејствието на филмот е сместено во викторијанскиот период (19 век) и го следи Дејвид Коперфилд од неговата рана младост до средното доба.

Младиот Дејвид Коперфилд  е сведок на социјалната неправда, која е изразена во многу форми – недостаток на заштита на децата, лоши услови за работа на работничката класа и сиромаштијата. Сепак, кај Коперфил се раѓа талентот за раскажување и пишување, па неговото одраснување, иако во трагични услови, сепак не е лишено од хуманоста.

Ликот на Дејвид Коперфилд го игра индискиот актер Дев Пател, нова филмска ѕвезда во подем. Јанучи во филмот ги обединил и Тилда Свинтон,Питер Капалди и Бен Вишов, но и Хју Лори, омилениот лик доктор Хаус од истоимената мегапопуларна ТВ серија.Според критиката се работи за една од најдобрите екранизации на делото на Дикенс на големото платно кои се видени досега.

ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД  го отвоир 63 Лондонски филмски фестивал БФИ.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

30 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

СОСЕМ ОБИЧНА ЉУБОВ

(Ordinary love)

Игран филм, Велика Британија

2019, 92 мин., колор, ДЦП

Режија: Лајза Барос Д’Са, Глен Либрн (Lisa Barros D’Sa, Glenn Leyburn)

Сценарио: Овен МекКаферти (Owen McCafferty)

Улоги: Лиам Нисон, Лесли Менвил (Liam Neeson, Lesley Manville)

Џоан и Том се сопружници со неколкудецениски стаж. Нивната врска е исполнета со нежности и хумор. Кога на Џоан неочекувано ѝ дијагностицираат рак на дојката, текот на нејзиното лечење ја става нивната врска на тест: се соочуваат со предизвиците пред нив и помислата што сè би можело да ѝ се случи на Џоан…

СОСЕМ ОБИЧНА ЉУБОВ е приказна за љубовта, преживувањето и тешките прашања што животот ги поставува пред секого, и веќе е прогласен за еден од најемотивните филмови на годината. Главните улоги ги толкуваат искусните Лесли Менвил и Лиам Нисон, кои имаат номинации за „Оскар“ и се добитници на десетина престижни филмски награди. СОСЕМ ОБИЧНА ЉУБОВгодинава беше во конкуренција за наградите на фестивалите во Торонто, Лондон, Чикаго, Стокхолм, како и за телевизиските и филмски награди на Ирска.

Возрасна категорија: 15 години

Влезница: 100 денари