Пред да замине од Македонија, Оскаровецот Роџер Дикинс одржа посебна мастер класа само за студентите што дојдоа на фестивалот, се поставуваа голем број прашања,  студентитите ја искористија ретката прилика во живо да се сретнат и да добијат одговори од еден од великаните на светската кинематографија.

Утрово, гостин на прес конференција беше Калојан Божилов, кинематографер од Бугарија, кој го претстави  филмот „Ага“.

-Извонреден филм, една визуелна поема, кој беше откритие и на Берлинале. Некои филмски критичари сметаа дека е штета што не е во конкуренција на Фестивалот, но можеби ќе биде бугарски кандидат за „Оскар“. Филмот е многу уникатен, работен е во тешки околности и веројатно било огромен предизвик да се снима во  поларната вечна зима, под 20 и 25 степени целзиусови, рече селекторот, Благоја Куновски -Доре.

Божилов појасни дека оваа година филмот нема да биде бугарски кандидат за „Оскар“ бидејќи се’ уште има фестивалски живот во Варна, но можеби ќе биде следната година.

-Всушност кога стигнавме во Јакутија беше -40 степени целзиусови, но исто е како да снимате било каде.  Најважно е што не можеше да се повторуваат сцените бидејќи нивоата на снег се зголемуваат. Можете да снимате само еднаш, нема преснимување. Поради тоа се’ одеше малку побавно. Вкупно снимавме 40 дена. Избрав да снимам на 35мм. Лента, не дигитално поради студеното време и порад сликата и самата приказна. Користев „Ари кам вајт“ (Ари камера бела), која е доста добра. „Ари“ е лидер во светот. Со Милко сме веќе тандем, ова е втор фил на кој работиме. За него не постојат граници и затоа студот и снимањето во Канада не претставуваше никаков проблем, ги сподели искуствата Божилов.

Заблагодарувајќи се за прекрасниот филм, директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, истакна дека кога го гледала во Берлин на филмскиот фестивал била воодушевена и оттогаш настојувале заедно со селекторот Куновски да го донесат и на Фестивалот во Битола.

-Ми се допаѓа што има бура во ликовите, а лицата на актерите се мирни. Навистина направивте симбиоза меѓу човечката природа и самата природа, но истовремено и ги поделивте во широките кадри, истакна Теодосиевска.

Филмот „Засолниште“ во режија на Сара Логан Хофстеин, беше прикажан како специјална проекција. Станува збор за американско-еврејска преговарачка која  се преселува во Виена и почнува врска со бегалец од Етиопија. Филмската приказна се поклопува со животната приказна на режисерката и сценаристка Сара Логан Хофстеин.

-Јас сум Еврејка од САД која живее во Виена. Во Австрија многу работи се случуваа во 2015 година, со кои можеше да се повлечат паралели со настаните во 1938 година. Се повлече канцеларот во Австрија, доаѓаа бегалците и беа сместени во кампови, не во концентрациони логори, но сепак еден вид на кампови, им беа одземани лични предмети, им ги конфискуваа, исто како што им се случуваше на Евреите и сите тие работи ме допреа како Еврејка. Сепак, 95 проценти од Австријците, особено младата популација ги поддржува бегалците и нивната мака, всушност стариот режим е оној што се држи до оние многу застарени и опасни вредности. Но, добро е што Австријците сфатија дека не се жртви во Втората светска војна, туку се сторители, го прифатија тоа и продолжија понатаму. Со филмот ние не сакавме да попуваме никому, но би сакале да ги поттикнеме сите да направат тоа што можат. Еден човек можеби нема да го смени светот, но движењето може и тоа е пораката. За мал филм, тешко беше да се заинтересираат големи компании кои би го помогнале снимањето. Би сакала да истакнам дека имавме прекрасно спонзорство од „Ари“ од кои добивме цела опрема за работа, раскажа режисерката и сценаристка на филмот Сара Логан Хофстеин.

Филмот е работен од екипа која е семејство: Сара е ќерка на Мајкл и Марија Хофстеин кои во овој филм се кименатографер и продуцент, а кои од друга страна имаат богато искуство во холивудските продукции и студија.

-Ние сме како запчаници во семејната машина. Ние сме семејство филмаџии, цел живот го поминавме во студијата во Лос Анџелес, а потоа и во Европа 20 години. Работиме многу хармонично како тим, рече Мајл Хофстеин, кинематографер на филмот „Засолниште“.

Од селекцијата „Европски преспективи“, Слаѓан Пенев го претстави филмот „Вечна зима“ и кинематограферот Андраш Наги. Филмот е заснован на вистинска приказна за тоа како во 1944 година Унгарци биле водени во советски работнички кампови. Ова прашање за првпат се покренува во унгарското општество.

-700 илјади луѓе биле депортирани и дека 300 илјади  од нив никогаш не се вратиле. Ова е трауматична епизода за едно општество и воопшто не била отворена 60 или 70 години и сигурно било изненадување за јавноста во Унгарија. Голем број Унгарци воопшто не знаат за овие случувања, рече Пенев.

Снимано е на планини со многу снег и имале блиски средби со волци, но најважно е што за првпат во овој фил се раскажува една вистинска приказна, која ги поттикна дедовците и бабите да ги раскажат приказните.

-Најважната работа беше дека луѓето кои беа таму во Новород, на времето, претходно пред 1989 година не смееја да зборуваат за тоа, а потоа не сакаа да зборуваат. Ова беше моментот кога започна некаков разговор, а медиумите целосно го поддржаа филмот. Мој омилен дел од филмот е она што се случуваше во рудникот, работевме под земја цела недела цела екипа, каде настојувавме да го пренесеме истото чувство како кога работеле луѓето во тоа време, истакна Наги.

Презентација на Европската програма Less is more (LIM)

Горјан Тозија, директор на Агенција за филм и Масимилијано Нардули, денеска ја претставија соработката меѓу Агенцијата за филм Р.М. и програмата „Les is more“.

-Ова што сега го претставуваме е нешто што се подготвува за следното издание на Фестивалот, јубилејното, четириестто издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Оваа програма навистина како да е креирана за Македонија. Главното мото на програмата е „Les is more“ и со неа фокусот се младите синеасти и оние кои имаат до три филмови.  Филмска вештина е со помалку пари да се добие подобар филм, а нас тоа ни е потребно. Ако некому му дадете многу пари, тоа не е гаранција дека тој ќе направи добар филм, напротив нашите искуства покажуваат дека поголем успех кај нас имале филмовите кои биле направени со помали буџети. Буџетот ќе се определува од самата идеја, спецификата на пишување на сценарија, оригинални, особено инвентивни, со посовремени теми што ќе придонесе за појава на нов бран во македонската кинематографија, а што е и наша стратешка определба, истакна Тозија.

Тој посочи дека и ДФРМ треба да се насочи кон повеќе соработки со странство

Масимилијано  Нардули претставник на Европската програма „Less is more“ (LIM) наменета за филмови со ограничен буџет, на која може да конкурираат филмски автори кои претходно имале еден или најмногу три играни филмови, презентирајќи ја програмата рече дека Македонија има многу таленти и ќе има своја улога во европската кинематографија.

-Вашата земја е е полна со приказни и е голем резервоар на таленти. Фокусот на оваа програма е сценариото и се работи на проекти со мали буџети за да им се овозможи покреативен пристап, но и заради тоа што независните филмови се загрозени од големите продукции, рече Нардули

Тој истакна дека е горд што Македонија е прва земја од Балканот што се придружува на овој проект.

Во тек е и програмата на кратки филмови кои се борат за наградата „мала камера 300“ и кои ги оценува интернационалното петчлено жири.

За публиката во Битола особено е интересна и програмата „Мак поинт“ во која се прикажѕ најновата македонска продукција, често и пред официјалните премиери. По проекциите се одржуваат разговори со авторите, кои ги модерира Ана Василевска, селекторката на програмата.

Денеска заврши и балканската конференција на ИМАГО, Федерација на кинематограферите од светот со 53 национални здруженија и над 4.300 кинематографери како членови. Освен кинематограферите од регионот, македонските претставници  Дејан Димески, Наум Доксевски и Душан Кардалевски, на конференцијата присуствуваа првите луѓе на ИМАГО, претседателот Паул Рене Роштад и Најџел Волтерс.