Кинотека на Македонија ќе го одбележи  јубилејот на пензионираниот доајен на македонското актерство Мите Грозданов, кој навршува 50 години професионализам, и 63 години аматеризам. За таа цел од 7-13 декевмри ќе се одржат проекции на филмовите во кои Мите Грозданов учествувал активно како актер, но и како режисер: „Црно семе“ на Кирил Ценевски, „Истрел“ на Бранко Гапо, „Мите-Коштан-Гркљан“ во кој Мите Грозданов се јавува и како актер и како режисер, „Глужд во времето“, “Еурека: Сократ“, „Народни трибуни: Димитар Поп-Георгиев Беровски“, „Коледе – Мирче, Лаве, Струја, Оѓин и Мите“…. Сите проекти на кои што работел се многу значајни за македонската филмска и тв продукција.

Пред почетокот на филмот „ЦРНО СЕМЕ“ на 7 декември Кинотеката на Македонија  ќе се приклучи во одбележувањето на чествувањето на Св. Климент Охридски со проекција на филмот „ОХРИДСКИОТ СВЕТИЛНИК – КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“. Проекцијата ќе започне во 20.00 часот (филмот трае 16 мин.) по што ќе продолжи со проекција на филмот „ЦРНО СЕМЕ“ со кој одбележуваме 50 години професионализам и 63 години аматеризам на нашиот истакнат актер МИТЕ ГРОЗДАНОВ.

50 ГОДИНИ ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ /63 ГОДИНИ АМАТЕРИЗАМ

Почетокот на една актерска кариера по правило е исполнет со соништа и мечти за успех; младоста го прави своето, па човек мисли дека сиот свет е негов или би можел да биде. Ретко, тоа и успева. Мите Грозданов веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград на отсекот за глума во 1967 г. се вработува во Драмскиот театар кој ќе остане негова матична сцена се’ до пензионирањето во 2008 година. Уште на самиот почеток на својата кариера се вивнува во уметничките височини закитувајќи се со Златниот ловоров венец на престижниот Саревски фестивал МЕСС за насловната улога во Партитурата за еден Мирон. Помеѓу оваа претстава и историската хроника, монодрама која тој ја одигра по повод официјалното заминување во пензија се врамени уште многу улоги, награди, монодрами. Cекако не безначајнa за неговата кариера и творечко кредо e неговата боемштина која лично ја смета за составен дел на деликатната и тешка професија на актер. Мозаикот на неговите ангажмани опфаќа и стотици радиодрами, режии (во професионални и аматерски ансамбли), настапи на телевизиски драми и серии, како и неколку филмски улоги. Во сите овие форми на театарското изразување до израз доаѓа неговата нескротлива енергија, неисцрпна и фасцинантна концентрација, моќ за трансформација. Она што е особено важно е дека Мите Грозданов секој ангажман, во која било форма на театарскиот израз, секогаш го сметал за сопствено надградување и го користел за сопствено усовршување.