По 51. ИФФИ Гоа во Индија, Интернационалниот филмски фестивал во Софија го селектираше дологметражниот игран филм „Хомо“ во натпреварувачката програма „Балканска компетиција“ на своето 25-то по ред издание, кое е во тек и ќе трае до 31-ви март. Премиерната проекција е закажана за 14-ти март, недела во Кино Одеон во 20:30 часот, а филмот ќе биде прикажан и на 24-ти март во Дом на Киното во 16:00 часот.

Софискиот фестивал е признаен како еден од најзначајните во Централна и Источна Европа, категоризиран од Меѓународната федерација на асоцијации на филмски продуценти ФИАПФ, вбројан помеѓу 50-те годишни настани во светот кои не смее да се пропуштат и во календарот на Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Годинава, поради пандемијата, фестивалската програма ќе биде прикажана преку онлајн и физички проекции, согласно со мерките за спречување на ширење на вирусот.

Да потсетиме, „Хомо“ е снимен по сценарио на Игор Иванов и Сашо Кокаланов. Авторски потпис ставија и: Маја Радошевиќ како Кинематографер, Кирил Спасески – Сценограф, Шминка и фризура – Аленка Нахтигал, Костимограф Полонца Валентинчиќ, Мaртин Иванов – Монтажа, Дизајн на звук – Борис Трајанов, автор на музиката е Зоран Спасовски, а во филмот провејуваат и песните на Љупчо Константинов – Еј ти, момче мадо и преработка на Лиду ду од Григор Копров и Владимир Дојчиновски во изведба на Дани Димитровска.

Улогите ги толкуваат: Александар Матовски – Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски, Себастијан Каваца, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.

„Хомо“ е копродукциска соработка на Скопје Филм Студио со: Арт енд попкорн од Србија, Гала Филм од Бугарија, Триггер од Косово и Иридиум Филм од Словенија. Продуцент е Томи Салковски и беше поддржан од: Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Националниот бугарски филмски центар, Косовскиот кинематографски центар и Словенечкиот филмски центар.

Филмот е на мартовскиот репертоарот на Кинотека на Македонија, со проекции на 20-ти, 23-ти и 25-ти март во 19 часот и на 27-ми маерт во 17 часот.