Филмот „Хомо“ на македонскиот режисер Игор Иванов Изи ќе се прикажува во САД, соопшти „Скопје Филм Студио”, продукциската куќа на долгометражниот филм . Таа склучила договор со Јавната Медиумска Групација од САД (Public Media Group of Southern California) за дистрибуција на филмот за американскиот пазар. Со овој договор “Public Media Group“ се здобива со лиценца за прикажување на филмот на повеќе канали и медиуми. Во рамки на оваа Групација, филмот ќе биде достапен на територијата на САД на сите нивни канали, преку директен сателитски пренос и преку интернет протокол за ТВ (IPTV). Со потпишувањето на овој договор, македонскиот игран филм “ХОМО“ станува достапен за гледачите во САД.

-По серија учества на голем број реномирани филмски фестивали, “ХОМО“ својот филмски пат го продолжува на светскиот пазар и продолжува да е вистински Амбасадор на македонската кинематографија, континуирано давајќи придонес и промовирајќи го македонскиот филм во меѓународни рамки  – велат од продукцијата.

Домашната премиера филмот ја доживеа на 24 септември минатата година, на затворањето на 19. Фестивал на европски филм Синедејс во Скопје, а светската премиера  на 16 јануари на 51. ИФФИ во Гоа, Индија.

Драмата “ХОМО“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на 6 главни ликови. Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, а монтажата на Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а ко-продуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија). Актерската екипа ја предводеа: Александар Матовски-Цако во улогата на Гоги, Наташа Петровиќ во улогата на Кети, Игор Ангелов во улогата на Поп Христо, Јордан Симонов во улогата на Адвокатот, Мајлинда Косумовиќ од Косово во улогата на Зана, Сашко Коцев во улогата на Петар, Оливер Митковски во улогата на Сократес, Сергеј Димовски на кого ова му беше дебитантско остварување на долгометражен филм – во улогата на Поп Демијан, Јоана Буковски од Бугарија во улогата на Петра, Себастијан Каваца од Словенија во улогата на психијатарот Др. Улчар, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски во улогата на Вујкото на Гоги, Мартин Манев – во улогата на Виктор и Славиша Кајевски во улогата на Фантом.