Инсталацијата „Проект стакленик“ е едно од делата кои ќе останат на улиците и плоштадите и по завршување на фестивалот

Сунчица Уневска

Шеесет и првото издание на филмскиот фестивал во Солун на најдобар можен начин ја покажа издржливоста и имагинативноста на организаторите и вљубениците во филмските слики, кои застанаа во одбрана на филмот решително и дрско со годинешното мото: „Филм, без оглед на сè“, „Фестивал, без оглед на сè“. Неверојатни се идеите што ги испорача годинешниот Солунски филмски фестивал како домаќин, меѓудругото, и на повеќе изложби и настани од визуелната уметност, поставувајќи ги насекаде низ градот, за да можат да комуницираат со урбаниот пејзаж и за да можат да ја донесат културата и во ова време-невреме онаму каде што таа не може да стигне.

Иако фестивалот се одржа онлајн, сепак, посетеноста ја достигна бројката од 80.000 гледачи, а голем број филмови беа распродадени. Како придружен елемент беа уметничките дела, видео-мапирањето и инсталацијата насловена „Проект стакленик“, кои беа поставени на градските улици и плоштади, но и на пристаништето каде што вообичаено се одржува фестивалот. Целта на организаторите е тие да останат во градскиот простор и по завршување на фестивалот, за да можат да им пружат на луѓето ронка надеж и радост во допирот со уметноста.

Фестивалот понуди 177 филма

Фернанда Валадез го освои жирито со „Препознавање“, правејќи необичен, мистичен филм

Со други зборови, и покрај тоа што овој Филмски фестивал со голема традиција не се одржа физички, сепак, понуди и донесе многу изненадувања и содржини, кои секако го оплеменија и просторот, но и живеењето на луѓето во овие тешки времиња. Годинава фестивалот понуди дури 177 филмови, најавувајќи ги многу амбициозно како филмови што ќе го променат начинот на кој го гледаме светот.

Но, со оглед на тоа што фестивалот се одржа од 5 до 15 ноември, да почнеме со наградите. Годинава во главното жири, кое одлучуваше за наградите, беше и македонската режисерка, Теона Стругар Митевска, заедно со: Вања Калуџерчиќ од Хрватска, која од неодамна е директор на фестивалот во Ротердам, Мелика Фороутин, актерка од Иран, Бјорн Викторсон од Исланд, дизајнер на звук и грчкиот режисер, Јоргос Тсемберопулос. Главната награда, инаку насловена Златен Александар „Тео Ангелопулос“ (што е тотално бесмислено, но Грците мораа секаде да вметнат македонски обележја) му припадна на мексиканско-шпанскиот филм „Препознавање“ (Identifying Features). Станува збор за потрагата на една мајка по синот, кој се обидел да ја помине мексиканската граница и за кого власта тврди дека е мртов, но кој режисерката Фернанда Валадез ќе го претвори во психолошки трилер, во неверојатен интригантен, мистичен филм.

Шокантниот дански филм „Шорта“ ја освои и Наградата на критиката, „Фипресци“

Специјалната награда на жирито односно „Сребрениот Александар“ му припадна на грчкиот дебитант Георгис Григоракис за филмот „Копач“, кој својата премиера ја имаше во програмата „Панорама“ во Берлин, а беше прикажан и во главната програма на Сараевскиот фестивал. „Копач“ е сместен длабоко во шумата, откривајќи ја приказната за таткото и синот, приказната за барањето на корените, приказната за одмаздата и искупувањето. Во Солун овој филм ја доби и Наградата на публиката, а од страна на Грчкиот филмски центар беше прогласен за најдобро деби.

Додека, Наградата за најдобра режија „Бронзен Александар“ отиде кај жестокиот дански филм „Шорта“ на Андерс Олхолм и Фредерик Луис Хвид, кој зборува за таинствената смрт на еден 19-годишен имигрант во полициска станица. Се разбира, тоа ќе предизвика огромен револт во деградираното гето во Данска, а интересно е дека филмот е снимен пред настаните поврзани со убиството на Флојд. „Шорта“ ја доби и наградата на меѓународното жири на критиката, „Фипресци“:

Фиктивната интимност го одбележа годинешниот концепт

За најдобра женска улога беше наградена британската актерка, Џоана Скенлан, за улогата во филмот „По љубовта“ на Алем Кан, во кој таа игра вдовица која по смртта на мажот ќе открие дека тој има уште една фамилија. Наградата за машка улога, пак, ја освои грчкиот актер Арис Серветалис за филмот „Јаболки“, кој на необичен начин се занимава со нашето помнење. Копродуцент на овој филм е Словенија.

Инаку, меѓу филмовите што фестивалот со гордост ги претстави и ги најави како своевидно откритие на фестивалот, беше и „Ноќ на кралевите“, направен во копродукција меѓу Франција и Брегот на слоновата коска. Ова е навистина многу необичен филм, снимен во еден од најопасните затвори на светот, во Абиџан, Брегот на слоновата коска, но многу поразличен од сè што досега сме гледале за затворите. Во него, Филип Лакоте, на кого ова му е втор филм, кој беше претставен во Венеција, во програмата „Хоризонти“, го меша африканскиот реализам со магијата, односно зборува за проблематичната сегашност во земјата низ обреди, фантазија и музика. На овој филм, кој доби одлични критики во светот, му беше доделена Наградата за уметничко достигнување.

Книгата на Ричард Сенет „The Fall of Public Man“ беше инспирација за годинешниот концепт, „Интимност, модерна тиранија“

Во главната програма годинава беа селектирани 12 филма, меѓу кои имаше и: американски, турски, италијански, палестински, холандски и унгарски. Но, фестивалот и оваа година, четврта по ред, понуди одреден концепт, кој стои зад изборот на филмовите во главната програма, а кој го одразува субверзивниот пристап на кинематографијата низ некоја тема, книга или идеја преземена од друг облик на уметност или научно истражување. Оваа година во фокусот е познатата книга на американскиот социолог, „Исчезнувањето на човекот од јавната сфера“ на Ричард Сенет од 1977 година, кој ја истражува нерамнотежата меѓу приватното и јавно искуство.

Концептот носи наслов „Интимност, модерна тиранија“, а зад него се крие согледувањето дека современиот човек не се соочува само со изолација и отуѓување, туку дека фиктивната интимност е, всушност, онаа која му пречи во остварувањето на вистински социјален контакт. Што сака да каже? Дека тој феномен се засили со друштвените мрежи и интернетскиот начин на поврзување, кои на крајот го тргаат поединецот од јавната сфера. Преку постојаниот онлајн контакт со луѓето навидум исчезнува оддалеченоста и се создаваат вештачки врски наместо здрави општествени односи. Филмовите во главната програма се инспирирани од оваа многу актуелна идеја, особено што интимноста и отуѓувањето немаат географска припадност.

Во „Балкански преглед“ беше прикажан „Налепница“

Филмот на Георги Унковски „Налепница“ беше единствен во официјалната програма на фестивалот

А веќе станува традиција да бидат повикани млади грчки уметници, кои ќе ги гледаат овие филмови и врз основа на својата инспирација ќе создаваат сопствени уметнички дела, кои потоа се изложуваат во Експерименталниот центар за уметност на самото пристаниште во Солун. Но, оваа година изложбата беше поставена и на бројни отворени неочекувани простори сместени низ целиот град. Потоа изложбата ќе биде претставена и во Атина, а во Солун се планирани уште многу настани во јавните простори. Бидејќи, „со пандемијата, затворањето и екстремната употреба на технологијата за да се поврземе, потребата за солидарност, за вистинско делење и враќање на човекот во јавниот простор станува императив.“ Мора да се признае дека е извонреден начинот на кој фестивалот ги бара правите алатки за да го потенцира и зачува значењето на кинематографијата и нејзината важност во поимањето на светот во кој живееме.

Македонија годинава немаше филм во главната програма, но повторно бевме застапени во „Балкански преглед“, овој пат со краткиот филм „Налепница“ на Георги Унковски. Додека, на маркетот „Агора“ годинава беа одбележани оние успешни приказни кои се развиваа токму тука, а меѓу кои беше и „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески од 2017 година.

Во програмата „Meet the Neighbours“ триумфираше филмот „200 метри“ на Амен Наифен, кој на годинешните „Венециски денови“ ја освои Наградата на публиката. Тоа е приказна за еден палестински татко, кој по раздвојувањето на земјата се обидува да го помине ѕидот, за да стигне во болницата во која е сместен неговиот син. Покрај „златниот“, овој филм го доби и „Бронзениот Александар“ за најдобра режија. А „Сребрениот Александар“ отиде кај Нора Мартиросјан за филмот „Should the Wind Drop“ („Ако се намали ветерот“), кој е снимен во Азербејџан и некако пророчки зборува за состојбата во Нагорно Карабах.

„Ловец на китови“ во потрага по ликот зад компјутерот

„Ловец на китови“ го отвори фестивалот со симболична проекција во салата „Олимпион“

А годинешниот старт го одбележа рускиот филм „Ловец на китови“ на Филип Јурјев, кој се вклопи неверојатно во целата годинешна концепција и донесе еден магичен, амбициозен и меланхоличен свет на младиот ловец, кој ќе тргне во потрага по девојката која ќе ја види на својот компјутер. Извонреден избор. Филмот на 5 ноември беше симболично прикажан во салата „Олимпион“ на плоштадот „Аристотел“ во Солун, означувајќи го започнувањето на работата на филмскиот проектор, но и покажувајќи ја одлучноста на организаторите да ја испорачаат својата љубов и посветеност на филмот и на киното во овие тешки времиња.

Секако, и покрај целата оваа ситуација, фестивалот одржа бројни средби со авторите преку онлајн платформите, а не ги заборави и своите многу значајни посвети. Едната од нив беше посветата на најкултните научнофантастични филмови во периодот од 1950 до 1990 година, насловена „Пророштвата од другиот свет“.

Додека, во поглед на авторите, годинава беа славени две многу различни, но исклучително значајни режисерки кои покренаа и оставија голема трага, како во своите земји, така и во европскиот, па и светски филм. Првенствено, Вера Хитилова, големата чешка режисерка, позната како најистакнат претставник на новиот чешки бран, чие субверзивно дело и денеска е подеднакво ново, интересно и интригантно. Втората посвета беше резервирана за пионерката на скандинавската феминистичка кинематографија, норвешката режисерка Ања Брејен.