Сунчица Уневска

Хонгконшкиот филм „Подобри денови“ оваа година се најде меѓу петте номинирани филмови за „Оскар“ во категоријата интернационален филм, носејќи му ја на Хонг Конг третата номинација воопшто за оваа награда, а прва за филм потпишан од режисер од Хонг Конг (а не од Кина). Годинава беше карактеристична затоа што дури четири филма зборуваа за исклучително ангажирани и актуелни теми, освен данскиот „Уште една тура“, кој всушност и ја понесе наградата. Можеби, и веројатно е така, Томас Винтерберг е одличен режисер и во филмот имаше добри актери и многубројни „споредни“ теми виртуозно изведени, но факт е дека остана нешто недоречено кога се работи за оваа програма, затоа што беа прескокнати значајни дела.

Еден од нив, секако, е и „Подобри денови“, филмот што зборува за булингот меѓу тинејџерите, кој и покрај целата своја наивност и романтизираност е вреден филм, што предизвикува емоции и фасцинира со глумата, фотографијата, атмосферата, но и со романтичноста и чистината со што донекаде потсетува на оние древни трагедии, кои без оглед дали се нереални или вистинити умеат да погодат во целта. Всушност, „Подобри денови“ е свесно направен како филм за млади, филм кој и на насилството и на бруталноста гледа со една простодушност, порачувајќи и избегнувајќи ја фаталноста, бидејќи таа ја одзема надежта, особено кога станува збор за малолетниците.

Заедно против булингот

Да, подобри денови можат да дојдат ако се спротивставите, ако верувате, ако барате излез, ако работите на тоа да ги надминете тешкотиите, да ги положите испитите и да пораснете. Иако, во еден момент Чен Ниан (Жу Донгу) вели дека никој не те учи како да бидеш возрасен, но целта на филмот уште од самиот почеток е да помогне во обединувањето и ангажирањето против булингот и да им ја пружи надежта на оние на кои им е потребна. Факт е дека филмот во суштина е многу реален, многу насилен и на моменти брутален, тој не ги поштедува гледачите од тоа, бидејќи тие работи навистина се случуваат, но неговата идеја е како тоа да се надмине, а уште повеќе како младите да излезат на крај со таков пекол во кој можат да бидат втурнати. Секако не со затворање очи, и тоа не само младите, туку и нивните родители, и нивните пријатели, и нивните наставници, дека пред едно такво зло не смее да се биде рамнодушен.

„Подобри денови“, филмот кој во 2019 беше прикажан во Берлин во програмата за млади „Генерација“, така и започнува, со шокантната сцена на самоубиство на една млада девојка, која не може да го поднесе притисокот. Уште од самиот почеток ја гледаме Чен Ниан како сето тоа го доживува, ја гледаме како жртва и како единствена која толку силно е погодена од овој настан и чии случувања и сеќавања не случајно се преплетуваат со мртвата Ху Ксиаоди. Младата актерка Жу Донгу е совршена во својата експресија, чиниш во неа е пресликана целата античка трагедија. Извонредни се (невините) слики кои потоа се редат, на младите ученици, на тинејџерите, нивните откачени и луди пози додека се сликаат, прават гримаси, се смеат, се забавуваат, да, тоа се нивните години, но не и на Чен Ниан, која единствена на сликите има толку празен и уплашен поглед.

Феномен на поп-културата

Режисерот Дерек Тсанг, познат по својот филм „Сродни души“, во кој исто играше Жу Донгу, прави многу добар избор за целиот овој проблем да зборува низ еден романтичен трилер, низ една тешка, но поднослива приказна, која умее на младите да им донесе надеж во иднината и верба дека, и покрај сè, не е крај на светот. Сите прашуваа зошто филмот беше повлечен речиси цела година по премиерата во Берлин, па пуштен дури есента, но кинеските власти не го направија тоа поради темата, туку затоа тоа што филмот се занимава и со тој фамозен дводневен испит во Хонг Конг познат како „гаокао“, кој е многу тежок и напорен и од кој буквално зависи иднината на младите. Тсанг, тука зборува и за училиштето и за притисокот на кој се изложени младите во образовниот ситем, а надополнет со приказната за булингот и за една незаинтересираност и игнорантност на наставниците нешто во тој поглед да спречат или да променат. Не случајно, откако беше пуштен, филмот во Кина се претвори во феномен на поп-културата и заработи над 230 милиони долари.

Чен Ниан нема друг избор освен да го прифати понуденото пријателство на младиот дилер, кого всушност по една случајна средба ќе се обиде да го спаси од насилниците што крвнички го тепаат, јавувајќи се во полиција. Тогаш приказната поприма поинаков тек, станува симпатична, забавна, на моменти опуштена и прекрасна, додека зборува за сигурноста која Чен конечно ја чувствува, за она чувство на заштитеност, но и на блискост со некого од својата генерација, со кого може да ја сподели убавината, дружењето, делењето, откривањето на сето она што на младите им ја носи возбудата и задоволството. Прекрасни се тие бои и слики, кои навистина во играта со светлината, па дури и поетичноста, потсетуваат на филмовите на Вонг Кар Ваи, оние неверојатно заводливи, незаборавни сцени. Не, овде ја нема таа запретана сензуалност, но затоа ја има искреноста, добрината, отвореноста, пронаоѓањето на самите себе и уживањето во сето она кое им беше ускратено, неа поради неприфаќањето и булингот, а нему поради напуштеноста од неговото семејство.

Потрага по надежта и добрината

Не дека филмот „Подобри денови“ нема недостатоци, има, се гледа неискуството на авторот, се гледа неможноста да ја задржи композицијата и ритамот, да го збие и фокусира сценариото, се гледа онаа честа слабост на првенците, кога сакате во нив да ставите сè. Овде и навистина има сè, неминовно се мешаат и жанровите, но мора да се каже дека тоа не го прави филмот лош, па дури ни искористените алузии или сцени од други филмови, напротив, сето тоа му дава еден шмек, му овозможува да ја донесе уште посилно емоцијата и да нè вовлече и нас во таа колку тажна, толку и убава приказна. Приказна за вистинското пријателство, за љубовта, за жртвувањето, за борбата за иднината, за свесноста на тие прекрасни млади луѓе за вистинските вредности, но и за сопствени можности. Што е навистина многу ретко. Надополнето со ефектни и исклучително сугестивни сцени, надополнето со уметност, со бои, со надеж и верба, со потрага по добрината, со барање на правдината, со желбата за подобар живот, кој мораме и треба да им го овозможиме на младите.

Филмот е направен според тинејџерскиот хит-роман „Младост и убавина“ и иако никаде не е посочено дека станува збор за инспирираност од вистински настани, на крајот на филмот се вели дека сето ова уште во 2012 добило голем публицитет, за што се заинтересирала и владата и министрите за образование и дека во следните години се донесени многу измени во поглед на спречување на булингот во училиштата, дека се воведени казни, обезбедување, интервентни програми и прописи за основните и за средните училишта. А така и завршува филмот, порачувајќи дека само сите заедно можеме да ги заштитиме младите генерации, па и светот од булингот. Не случајно младата Чен во еден момент ќе каже дека сака да заврши факултет, да стане паметна и да се обиде да го спаси светот.

„Подобри денови“ е романтичен, наивен, поетичен, шокантен, силен филм, кој зборува и за злото и за доброто, и за ужасот и за убавината, и за неправдата и за борбата, и за бесчувствителноста, но и за жртвувањето за да му се помогне на другиот. Да, сето тоа е живот, со кој младите се соочени, и поради младоста и неодговорноста, и поради општеството, и поради системот, и поради семејствата и поради целото она окружение кое умее навистина да се претвори во пекол, со кој тие млади луѓе, сакале или не, често се оставени сами да се справат. Можеби романтизирањето делува како нешто нереално, како мечтаење, но не е, факт е дека фантазијата умее да стане реална кога сте подготвени да се борите и да најдете излез. А Дерек Тсанг, го прави токму тоа, бидејќи и покрај темата, тој не сака да направи депресивен или разочарувачки филм, не, неговиот филм е за надежта, а неа ја има секаде околу нас само ако се охрабриме и ако сме подготвени  вистински да ја бараме и да и подадеме рака. Има ли поубава порака од тоа, особено кога зборуваме за младите?