четврток, април 25, 2024
домаКујнаФилхармонијата со „Нов почеток“ во новата концертна сезона

Филхармонијата со „Нов почеток“ во новата концертна сезона

Македонската филхармонија денеска во малата сала на прес-конференција ги соопшти сите детали за отворањето на новата концертна сезона, за целокупната програмска концепција, за новиот имиџ на институцијата, за техничките капацитети.

На пресот присуствуваше новиот директор на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, кој истакна дека за него е чест што пресот е одржан во малата концертна сала, една мала убавица, како што рече, и дека новинарите се први кои ја имаа можноста да ја видат.

„Задоволство ми е што ја имам честа да ја водам оваа институција, која по 74 години конечно го доби своето заслужено место. Сега ги имаме сите предуслови да го креираме се она што сме го замислиле. Имаме нова продукција, ново студио опремено со сите потенцијали како што и доликува на една сериозна институција“, истакна Илиески.

„Доцниме со отворањето на новата концертна сезона, која што требаше многу порано да почне. Но, знаеме дека салата на 21 мај беше свечено отворена, а објектот не беше завршен. Јас како директор сакав да ја превземам одговорноста да почнеме кога сите детали ќе бидат донесени на највисоко ниво. Горд сум што го добивме приклучокот со БЕГ, на пример, за да можеме нормално да ја почнеме сезоната, потоа сите технички процедури се во завршна фаза, а имаме и нов начин на презентација да ги привлечеме сите жители од Македонија да бидат дел од нашиот културен живот. Секој да се почувствува како граѓанин од некој од европските центри. Имаме и ново лого во знакот на новата концертна сала. Почнавме и еден процес на партнерство со големи компании со чија помош полесно ќе се донесат звучни имиња, солисти и диригенти, а се разбира безрезервна поддршка добиваме и од Министерството за култура. Сите оние уметници кои биле заборавени или оние кои делуваат во странство, сакаме да концертираат во Македонија повторно“.

Илиески истакна дека ќе се разубавува и зеленилото околу објектот. Македонската филхармонија оствари соработка со компаниите „Пакомак“ и „Нула Отпад“, како што рече Илиески, да се подигне свеста и за еден таков еко проект. Тој потенцираше дека обезбеден е пристап до концертната сала и за сите хендикепирани лица.

Диригентот Борјан Цанев рече дека ќе зборува со музика на 25 октомври, на концертот на отворањето насловен „Нов почеток“ каде ќе застане зад пултот. „Но, голема чест ми е да ја отвориме сезоната. Се направи нешто што го чекавме со години. Се подготвуваме интензивно. Имаме одличен тим и се надевам дека публиката ќе биде сведок на убаво доживување. Ќе имаме извонреден солист, пијанистот Дино Имери кој ќе го свири еден од најпопуларните концерти за клавир и оркестар од Чајковски, а вториот дел од програмата ќе биде посветен на капитални дела. Повторно го имаме Рихард Штраус, што на некој начин стана традиција со негово дело да почне нова концертна сезона“.

Концерт-мајсторот на Македонската филхармонија, виолинистката Анна Кондратенко, рече: „Кај мене во родната земја Русија, Концертот за клавир и оркестар бр. 1 од Чајковски се свири на свадби, бидејќи е мошне популарен. Па, тоа е една метафора дека ние музичарите ќе се венчаме со новиот објект кој прекрасно звучи. Задоволство ни е да свириме, но и да вежбаме. Со љубов ја чекаме новата сезона.“

Македонската филхармонија има нов дизајн на печатениот материјал, нова веб страница www.filharmonija.mk и нов имиџ во однос на маркетиншката концепција.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ