Македонската филхармонија новата концертна сезона 2018/2019 свеченото ќе ја отвори на 27 септември (четврток) во 20 часот со концертот под наслов „Ново утро“, на кој ќе настапи врвниот пијанист од Франција, Лука Дебарг.

Дебарг, кој е лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, ќе го изведе најкомплексното дело за пијано, Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев.

На концертот „Ново утро“ ќе диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел, а оркестарот на Македонската филхармонија по подолга пауза ќе ја изведе и романтичната и атрактивна „Фантастична симфонија“ од францускиот композитор Хектор Берлиоз.

Едно од најтешките дела во класичната литература за пијано е токму Концертот бр. 2 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев (1891–1953). Пијанистите ќе се согласат дека тоа се однесува првенствено на техничките барања кои се на граница на изводливо. Но, покрај овој силен предизвик кон кој се приклонуваат музичките уметници, ова дело поседува и врвна естетска димензија, како и силен патос кој привлекува, затоа што младиот Прокофјев го пишувал по смртта не неговиот близок пријател, а и непосредно пред Првата светска војна (1913)…

Најпознатото дело на зачетникот на романтичарската програмска музика францускиот композитор Хектор Берлиоз (1803–1869), всушност, е автобиографски фрагмент кое се нарекува и „Епизода од животот на еден уметник“. Тоа е првото значајно дело во сферата на програмската музика, создадено во 1830 година во деновите на Јулската револуција, кога композиторот бил обземен од општата атмосфера на револуционерни воодушевувања. Како што и самиот навел во своите мемоари, „Фантастична симфонија“ е инспирирана од неговите љубовни чувства кон актерката Харијета Смитсон…