Светскиот економски форум кој почнува утре во швајцарскиот зимски центар Давос, ќе ги собере и оваа година светските лидери и политичката и економска елита, во услови на геостратешки поделби на неколку фронта, кои имаат далекусежни политички, економски и социјални последици.

Темата на овогодинешниот 48-форум е “Изградба на заедничка иднина во поделениот свет”, а 2.500 учесници, вклучувајќи и 70 шефови на држави и влади, ќе се обидат да дефинираат заеднички акции и мерки за решавање на глобалните проблеми.

Форумот кој ги привлекува најистакнатите претставници на финансиските кругови е можност за светските лидери да воспостават комуникација со финансиската елита, и како што најави организаторот, форумот оваа година ќе се одвива во атмосфера на растечка нееднаквост и обиди да се бараат решенија за намалување на јазот меѓу богатите и сиромашните.

Прв пат во речиси две децении, најавено е учество и на претседателот на САД, но и посетата на Доналд Трамп сега е неизвесна заради делумната финансиска блокада на федералната влада, соопшти вчера Белата куќа.

“Претседателот сега нема да оди на Флорида, а за Давос, како од перспектива на претседателот така и од гледна точка на владата, ќе биде одлучено на дневна основа”, стои во соопштението од Белата куќа.

Според оригиналниот план, Трамп треба да одржи завршен говор на Светскиот форум, кој трае до 26-ти јануари.

Германската канцеларка Ангела Меркел доаѓа и во среда ќе одржи говор за Европа. Исто така се очекува доаѓањето на францускиот претседател Емануел Макрон и британската премиерка Тереза ​​Меј.

Учесници се и шефицата на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард, директорот на ИБМ Џини Ромети, норвешката премиерка Ерна Солберг.

Главниот финансиски и економски советник на кинескиот претседател, Љу Хе, ќе ја предводи кинеската делегација во Давос, а потврдено е и присуството на канадскиот премиер Џастин Трудо и на шефот на израелската влада Бенјамин Нетанјаху.

Индискиот премиер Нарендра Моди оваа година ќе биде меѓу говорниците, што е прв пат индиски премиер да престојува во Давос од 1997 година.

Швајцарскиот град Давос, каде што се одржува Светскиот форум во текот на целата година изгледа како и секој друг алпски скијачки центар, но пред почетокот на собирот на политички и економски лидери се претвора во тврдина. Барикадите, силните полициски сили и обезбедување, контролните пунктови, ограничувањата прелети, се само некои од мерките на безбедност. Се проценува дека вкупните трошоци за обезбедување на Давос се околу девет милиони франци (9,37 милиони долари).

Секоја година во пресрет на Форумот, речиси традиционално се организираат протести, па на 13 и 14 јануари, стотици демонстранти маршираа низ улиците на Берн, во знак на протест поради планираната посета на американскиот претседател на Светскиот економски форум.Демонстрантите носеа транспаренти како што се “Јадете ги богатите”, “Борете се против Трамп, Светскиот економски форум и капитализмот”.

Од Светскиот форум неодамна предупредија дека глобалната економија е во опасност од нова криза и дека автоматизација и дигитализацијата веројатно ќе ги намалат вработеноста и платите на мнозинството, а во исто време ќе го зголемат богатството на најбогатите, пренесе „Гардијан“.

Оваа година, програмите и проектите на Форумот ќе се фокусираат на “градење на заедничка иднина во поделениот свет”, со цел светските лидери повторно да се посветат на подобрување на состојбата во светот.

Девет од десет анкетирани експерти неодамна изразија загриженост во врска со влошувањето на економската и политичката состојба меѓу светските сили, според извештајот на Светскиот економски форум, изготвен врз основа на анкета во која беа вклучени околу 1.000 меѓународни експерти и креаторите на политиката. Четири од пет испитаници исто така истакнале дека гледаат зголемен ризик од војна.

Меѓу најзначајните ризици со кои се соочува светот оваа година се еколошки катастрофи, сајбер-криминал, големи присилни миграции и предизвици во глобалната трговија, се вели во најновиот извештај на Светскиот економски форум.