По 24 години работа, 10.800 денови, сослушани 4.650 сведоци и испишани 2,5 милиони страници транскрипти, Меѓународниот суд за воени злосторства за територијата на бивша Југославија денеска и официјално ја затвора вратата за нови обвиненија. Во текот на изминатите години деведесет лица беа осудени за геноцид, злосторства против човештвото и за други воени злосторства, меѓу кои има политичари, генерали, воени офицери, но и припадници на разни паравоени формации. Во Хаг завршија и Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, при што првиот беше ослободен, а вториот одлежа осум години затвор.

Само колку за потсетување, Судот беше основан во 1993 година, уште додека траеја војните во Хрватска и БиХ. Овој беше трет суд за воени злосторници по оние во Нирнберг и Токио, на кои им се судеше на фашистичките злосторници од Втората светска војна.

Церемонијата на затворањето, на којашто има најва дека ќе присуствува и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутиереш, ќе означи крај на 24 години истраги и процеси, од коишто произлегоа 161 пресуда. Хашкиот суд ќе остане запаметен по тоа што го осуди и  Слободан Милошевиќ, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

„Распадот на Југославија беше катализатор со многу значајни последици. Судот не донесе мир и помирување во регионот, но донесе важни пресуди за поединци“, вели професорот по меѓународното право од Лондон, Филип Сендс.