Амнионската течност е стерилна течност која го обвиткува бебето и го штити од повреди при бременоста. Течноста се формира од бубрезите на бебето и се апсорбира кога фетусот ја голта. Количината се зголемува по 36-тата недела од бременоста, по што полека се намалува. Доколку фетусот ствара премногу урина или не ја голта амнионската течност започнува нејзино насобирање, стварање на хидрамнион.

Изразен хидрамнион укажува на проблеми со фетусот, како дефект на централниот нервен систем, блокада на гастроинтестиналниот тракт или хромозомски дефект. Во ретки случаи може да доведе до прерано породување или дури и смрт на фетусот. Умерен хидрамнион е далеку почеста состојба и обично не укажува на некој проблем. Всушност вишокот течност кој се појавува во второто тромесечје се враќа на нормално ниво без никаков третман.

Умерениот хидранмион често нема никакви симптоми. Но доколку  имате чувство на недостаток од воздух, стомачна болка или појава на отоци-обратете се на вашиот гинеколог, бидејќи може да укажуваат на изразен хидрамнион. Гинекологот ја утврдува состојбата со помош на ехо-преглед.

Докторите можат да ги третираат симптомите на хидрамнион, но не и самата болест. Доколку имате проблеми со дишењето или одењето, и доколку состојбата се влошува, гинекологот може да ви сугерира хоспитализација. Бидејќи хидрамнион може да доведе до предвремено породување, гинекологот може, доколку има потреба, да ви препише лекови за спречување на предвременото породување. Исто така, може да има потреба од изведување на анмиоцентеза, за вадење на вишокот течност со што се намалува неудобноста и се олеснува дишењето кај трудницата.

Доколу се прави амниоцентеза, најчесто истовремено се прави генетска анализа на клетките од фетусот за откривање на хромозомски абнормалности. Исто така, се прават и стандардните тестови, како испитување на крвта, нивото на шеќер во крвта или испитувања за откривање на евентуална инфекција. Во многу случаи нема објасување за вишокот на течност.

Појавата на хидранмион не може да се спречи, бидејќи од една страна за огромен број случаи не е познато што точно доведува до појава на хидрамнион, а за случаите за кои се открива причина, тоа е најчесто хромозомски дефект. Голем дел од гинеколозите сметаат дека главна причина е пореметување во механизмот на голтање на фетусот, што е сврзано со извесни хромозомски болести.

Едно од најчестите прашања што си ги поставува секоја трудница е дали хидранмионот може да му наштети на плодот. Споре гинеколозите освен предвременото породување, хидрамнионот не му предизвикува проблеми на вашето бебе-туку ги рефлектира. Доколку се развие изразен хидрамнион, вашиот гинеколог ќе ја бара причината во органите за варење на храната и цревата, централниот нервен систем, срцето, како и при одредени хромозомски дефекти како Даунов синдром на пример. Но, тоа не значи дека нешто не е во ред со плодот. Доколку хидрамнионот се појави во второто тромесечје, веројатноста дека бебето е добро и дека хидрамнионот спонтано ќе се повлече е голема. Исто така хидрамнион може да се јави при сосема здрава мултипна бременост, т.е. близнаци.

Треба да се знае дека фетусот кој плива во голема количина течност ќе почне да се врти при породувањето што го зголемува ризикот од поставување на бебето во неповолна позиција, како на пример карлична позиција. Доколку бебето се постави во неповолна позиција можно е да има потреба од породување со царски рез.

Исто така важно е да се знае дека олигохидранмион е сосема спротивна појава – немање доволно амнионска течност. Ова најчесто се случува кога фетусот има некаков недостаток или кога мајката има висок крвен притисок. Најголемата опасност при оваа состојба е тоа што поради недостатокот од течност во која плива фетусот постои ризик фетусот да ја притисне папочната врвца и на тој начин да го пресече снабдувањето со кислород и хранливи материи. Доколку ви е дијагностициран олигохидранмион, вашиот гинеколог ќе ве прегледува многу почесто за да се осигура да не се случи тоа.

А.Н.