STEFANI PROFILДенес е многу голем бројот на деца кои се опишуваат како „хиперактивни“, и се чини дека тој поим е многу популарен. Но ако вашето дете е живо, полно со енергија, постојано во движење, многу зборува, прашува… тоа не секогаш значи дека е хиперактивно. Можеби е само немирно. Накратко ќе објасниме како се однесуваат хиперактивните, а како немирните деца, и  како најлесно да ги разликувате.

Како се однесува хиперактивно дете?

Хиперактивното дете е вознемирено, но неговата вознемиреност нема никаква основа. Вниманието му е краткотрајно. Го привлекува сѐ околу него и сака сѐ да дофати, но само за да го погледне и го остава. Често се случува да ги бутне предметите, поради брзите движења. Постојано започнува нови активности, без притоа да ги заврши веќе започнатите. Може да го привлече секој звук или движење, и сака веднаш да види што се случува. Но, не мора да значи дека ќе реагира на сите дразби од средината.

Кај овие деца моторниот немир е засилен. Хиперактивните деца од страна изгледаат неуморно, но тоа се случува додека ги изведуваат посакуваните активности. Во моментот кога ќе им се даде активност која од нив бара особено внимание, се заморуваат многу побрзо од останатите. Ги изморува нивната волја и потребата за одржување на константно ниво на внимание, како и вложениот труд да ги изведуваат организираните активности,  за постигнување на зададената цел.

Хиперактивните деца имаат потреба од посебно организирана и насочена програма на водење низ процесот на воспитание и образование. Секое дете има потреба од посебен начин на работа кој ќе ги задоволи неговите индивидуални потреби. Задачите треба да бидат кратки, да не бараат премногу активирање, но и да се темелат на веќе усвоени способности, со што ќе се мотивира детето да го изврши секој следен чекор.

Како и сите други, така и хиперактивното дете, сака да биде успешно. За таа цел, потребно е да му се задаваат лесни задачи, за да може да ги реши, но истовремено и доволно тешки за да го развијат натпреварувачкиот дух кај детето, и тоа да има желба да ги решава. Децата учат по принцип на обиди и грешки, па затоа е потребно да им оставиме повеќе време самостојно да ги совладаат зададените задачи.

На тој начин децата го впиваат знаењето. За сите деца е важно е да се зближат со наставникот/воспитувачот и во него да гледаат модел за однесување. Токму затоа е потребно лицата кои се грижат за хиперактивното дете, да бидат запознаени со неговите потреби. На тој начин ќе можат да му помогнат во градењето на личноста. Хиперактивното дете има намалено внимание и зголемена потреба за движење, а ниту едно од наведените не одговара на календарската возраст на детето.

Како се однесува „само“ немирно дете?

Немирното дете наизглед е „златно“ дете, родителите премногу го заштитуваат, и детето не може да го научи значењето на зборовите „не“ и „не може“. Таквата заштита го попречува созревањето на детето. Кога детето ќе совлада одредена вештина, потребно е да бараме од него да ја практикува, се со цел да ја усоврши, но и за да ја разбере припадноста во семејството. А овие родители го прават токму спротивното. Ги изведуваат задачите наместо нивните деца, за тие да може да „уживаат“ во детството. Тоа игра голема улога во развојот на личноста.

Во текот на раното детство, детето на различни начини ги осознава предметите околу себе. Неговата љубопитност треба да ја водиме од една во друга тема и да му помогнеме да се доживее себе си, како некој што умее да ги извршува активностите. Со помош на тоа, го учиме детето дека постојат ограничувања кои помагаат во успешно извршување на актвиностите, кои однесувањето го прават подобро, во однос на очекувањата од средината.

Доколку детето не ги знае ограничувањата, гледајќи од страна изгледа како да е хиперактивно. Но истото може да го разликуваме во ситуација кога ќе наиде на нешто што го интересира. Тогаш тоа престанува со сите други активности и знае да ја организира играта и средината, по своите потреби.

Сите деца по природа се послушни. Сакаат да ги слушаат своите родители. Потребно е само да ги водиме со разбирање. Уште на самиот почеток, потребно е да им се објасни на децата, начинот на функционирање во средината, за да не дојде до период во кој ќе треба да се применат построги правила. Треба да се внимава, бидејќи почитувањето засновано на страв, дава сосема друго, непосакувано однесување.

Разлики и сличности помеѓу хиперактивните и темпераментните деца

Хиперактивното дете во својот дом, но и во други средини, се однесува исто. Секогаш е надвор од ситуацијата, односно не ги следи правилата и природниот тек на активноста, која е застапена кај другите лица.

Децата со нормален развој можат да нѐ изненадат со неочекувано однесување. Тоа зависи од односот кој го воспоставиле со родителите. Доколку пак нема изградено никаков однос, детето е размазено, без јасни барања од страна на родителите. Овие деца добиваат реакција од родителите само кога ќе погрешат, па така тие се запознаени само со лошата атмосфера, во која не им се посветува доволно внимание. Децата се способни да препознаат ситуации кога родителите не можат да им „викаат“, па токму тогаш ги тестираат. Родителите пак, од срам, се симнуваат на ниво на детето, само за тоа да биде мирно.

Ваквото однесување кај децата е соодветно за одредена возраст, особено доколку во дадена социјална група, помеѓу возрасните има некој кој умее да комуницира нив.

Темпераментното дете умее да биде само, знае само да се заигра. Само гради кули од коцки и ги урива своите креации. Знае да игра и со други деца во тишина. Тоа е слободно во начинот на однесување кон другите, но и кон себе.

Како да се избегне погрешна дијагноза?

Повеќето деца со дијагноза – хиперактивност не можат да ги исполнат целите зададени во воспитно-образовната програма. Сите мали деца имаат потешкотии да седат мирни, да посветат внимание, да го чекаат својот ред, да ги завршат активностите и да не ги попречуваат останатите во работата. Додека да започнат во училиште, од децата се очекува да ги имаат совладано овие вештини. Искусните воспитувачи и наставници, многу лесно можат да ги забележат знаците на хиперактивност кај децата.

Бидејќи возрасната граница на децата во една група/одделение опфаќа период од една година, важно е да се напомене дека постои огромна разлика во развојот и однесувањето помеѓу најстарите и најмалите. Затоа треба да се внимава при тестирањето на децата, и истите треба да се споредуваат со врсниците, а не со сите деца од групата/одделението.

Кога е потребна помош?

Родителите најчесто не можат објективно да го проценат однесувањето на своето дете. Но, доколку се посомневаат во постоење на проблем, помош може да побараат кај психологот или дефектологот во училиштето, градинката, здравствениот дом или пак Заводот за ментално здравје. Меѓутоа, секој сомнеж за хиперактивност, или веќе потврдена дијагноза, бара консултации со најблиската служба за ментално здравје.

Доколку родителите забележат некој од следниве симптоми кај детето на 3-4 годишна возраст, треба да побараат понатамошна помош.

  • Постојано качување – и во случај кога ќе му се каже да не го прави тоа.
  • Постојано движење – удирање со нога по под, неможност да седи мирен без движење на рацете и нозете, проследено со честа потреба за станување и движење низ просторот.
  • Трчање или брзо движење кое може да биде проследено со сериозна повреда.
  • За 4 годишните деца – неможност да скокаат на една нога.
  • Неможност за мирна игра со други деца, а на моменти покажува ниво на агресија која бара тргање на детето од активноста.
  • Погласни се од врсниците.
  • Лесно, без размислување се спријателува со непознати.
  • Покажува ниско ниво на страв во ситуации кои можат да го одведат во опасност.
  • Неможност да се фокусира на едно нешто, повеќе од неколку минути.
  • Одбива да соработува во активност која би го задржила неговото внимание повеќе од две минути.

По комплетната опсервација од страна на стручен тим и поставување на дијагнозата, потребна е работа со дефектолог – стручен за примена на терапија со движење, со која се помага стабилизацијата на вниманието и совладувањето на сопствените движења. Потребни се и редовни посети кај психијатар за развојниот период на детето – поради евентуална медикаментозна и семејна терапија.

Пишува:дипл. специјален едукатор и рехабилитатор
во „Светот на Колорес“,
Стефани Накова