Алек Болдвин Фото: Gettyimages

Холивуд е во шок по веста дека Алек Болдвин за време на снимање на филм на сет во Ново Мексико убил едно лице, а тешко повредил уште едно лице. Актерот и продуцент Алек Болдвин (68), најверојатно ненамерно ја убил директорката на фотографија и го ранил режисерот, пукајќи од сценски пиштол додека снимал филм во Ново Мексико. Жената, идентификувана како Халина Хачинс (42), била пренесена во болница, но починала. Режисерот, 48-годишниот Џоел Соуза, бил ранет, но преживеал.

Претставниците на медиумите на Алек Болдвин изјавија дека до инцидентот дошло откако актерот пукал од пиштол со лажна муниција, без да наведат детали. Алек Болдвин е копродуцент и главен актер во филмот „’Рѓа“ (Rust). Во филмот Болдвин глуми одметник чиј 13-годишен внук е осуден за случајно убиство.

Снимањето било прекинато по инцидентот. Полицијата се уште го истражува инцидентот на ранчот Бонанца Крик, популарна локација за снимање. Портпаролот на шерифот од Санта Фе рече дека Болдвин разговарал со детективите.

„Тој дојде на сослушување доброволно“, рече портпаролот.

Најстариот од четворицата браќа, сите актери,  Алек Болдвин глуми во многу телевизиски серии и филмови од 1980-тите. Добитник е на многу награди, а неговото портретирање на ликот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во скеч во емисијата „Сабота навечер во живо“(Saturday Night Live) беше многу фалена.

Според нејзината веб-страница, Халина Хачинс била Украинка и пораснала во советска воена база во Арктичкиот круг. Студирала новинарство во Киев, а филм во Лос Анџелес, а во 2019 година списанието „Американски кинематографер“ ја прогласи за „ѕвезда во подем“. Таа беше директорка на фотографија за акциониот филм „Архинепријател“ (Archenemy) од 2020 година, во режија на Адам Иџипт Мортимер.

„Многу сум тажен што ја изгубив Халина. И многу сум лут што ова се случи за време на снимање на филм“, напиша Мортимер во твит.

Семејството на починатиот актер Брендон Ли, на Твитер ја коментираше несреќата што се случи на снимањето на филмот на Алек Болдвин, во која Болдвин го уби директорот на фотографијата и тешко го повреди режисерот.

„Никој не треба да се убие со пиштол на филмски сет. Точка“ –  гласи објавата на Твитер профилот кој го води сестрата на Брендон Ли, Шерон Ли.

Брендон Ли (28), син на покојната ѕвезда во боречките вештини Брус Ли, почина во 1993 година откако беше погоден од куршум со калибар 44мм додека снимаше сцена во филмот „Гавран“ (The Crow). Пиштолот требало да испука празно, но обдукцијата открила куршум што го погодил во близина на неговиот ‘рбет. А.Р.