На барање на Владата на Република Хрватска, европските институции решија да ја вклучат Хрватска во Европскиот механизам за девизен курс (ЕРМ 2), што е еден вид валутна чекална пред воведувањето на еврото. По консултациите со Европската комисија, Економскиот и финансискиот комитет, беше решено дека средниот девизен курс на куната за еврото ќе биде 7.53450 куни. Ова значи дека хрватските граѓани ќе можат да разменуваат куни за евра по тој курс, кога државата ќе го воведе еврото како официјална валута на плаќање, што треба да биде најрано од 1 јануари 2023 година, дознава „Јутарњи лист“. Дотогаш ќе бидат дозволени флуктуации на девизниот курс од најмногу плус / минус 15 проценти.

Покрај тоа, оваа одлука значи дека Европската централна банка го презеде надзорот врз хрватските банки. Сепак, тоа е исто така знак на закрепнување на еврозоната, која се бори со голем број проблеми од 2008 година по финансиската криза и која ја доби последната членка пред пет години – Литванија. Имено, зголемувањето на бројот на земји во еврозоната, а покрај Хрватска тука е и Бугарија, би значело дека еврото како средство за плаќање може да ја задржи позицијата на резервна валута во светот, што  сè уште ја има амо американскиот долар.

Повеќе инвестиции и поповолно позајмување

Клучна причина зошто земјите-членки на ЕУ одлучуваат да го воведат еврото е да привлечат идни инвестиции и поповолно позајмување на меѓународниот финансиски пазар. Сепак, прашање е во која мерка Хрватска ќе може да го намали своето ниво на јавниот долг, инфлацијата и буџетскиот дефицит во време кога услужно ориентираната економија е оптоварена со короната, а Европската комисија не го предвидува најповолниот исход. Освен воведувањето на еврото, наведените хрватски финансиски параметри ќе бидат под буден надзор. Сепак, кризата со корона влијаеше на целата ЕУ, така што земјите-членки ќе можат да го пробијат лимитот од три проценти дефицит на БДП и 60 проценти од јавниот долг кон БДП.

Одговорот на корона кризата требаше да биде Фонд за обнова и отпорност тежок 560 милијарди евра, од кој Хрватска според најавите треба да добие 10 милијарди евра. Сепак, договорот беше спречен од Австрија, Холандија, Данска и Шведска, така што за сè ќе одлучи Советот на Европа. Со тие пари и релаксирани лимити, Хрватска може да смета на уште 12 милијарди евра среднорочно финансирање, така што владата процени дека ова ќе биде доволно за да остане во рамките на утврдените параметри за воведување на еврото во следниот период и дека нема да и наштети на економијата.

Девизи во резерва

На Хрватска може да и помогне и фактот што премиерот Андреј Пленковиќ и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ, успеаја да се договорат за размена на девизи во износ од две милијарди евра, што треба да ја олесни загриженоста на ХНБ за девизниот курс на земјата и меѓународната ликвидност. ХНБ исто така има околу 15 милијарди евра нето девизи како резерва, а домашните банки имаат на располагање од пет до шест милијарди евра, што можат да ги повлечат од странство. Со пристапувањето во еврозоната, ризиците од девизниот курс, кои инаку ги оптоваруваат економиите како Хрватска, ќе исчезнат, така што овие „пари во чорап“ можат да бидат насочени кон други работи. А.Н.